Kurir
Би било сосем логично неговата приказна да ја започнеме со двете титули за најдобар фудбалер на Азија (во 2019 и 2023 година) – токму годините кога Катар ја шокираше фудбалската јавност и стана континетален шампион. Или, пак, да зборуваме за неговите шест титули со Ал Сад, најголемиот клуб во земјата, со кој има доживотен договор. Сепак, 29-годишниот Акрам Афиф е многу повеќе од обична статистика Тој е жива илустрација на модерниот Катар – земја каде што над 80% од населението има странско потекло. Афиф е роден во Доха, но неговата мајка е од Јемен, а неговиот татко е роден во Танзанија, со статус на поранешен фудбалски репрезентативец на Сомалија кој кариерата ја завршил токму во богатиот емират. Афиф не е само биолошки продукт на емиграцијата, туку и чист фудбалски производ на „Аспајер“ – фамозната спортска академија основана во 2004 година со цел да создаде врвни спортисти, државен проект кој кулминираше со организацијата на Мундијалот во 2022 година. Афиф беше првата ѕвезда на тоа Светско првенство дома, но работите завршија катастрофално за домаќинот: три порази во три меча и само еден постигнат гол. Тоа беше тежок удар, но не ја изгасна харизмата на најголемиот катарски фудбалски бунтовник. Неговиот нестварен дриблинг, фантазијата и фантастичниот карактер – особини кои ретко се толерираат во конзервативните арапски земји – не се резервирани само за теренот. Афиф едноставно одбива да биде конвенционален тип. Маѓоснички трик и признание за „шверцување“ време Во финалето на Азискиот куп во 2023 година, Акрам Афиф постигна несекојдневен хет-трик од пенали во победата од 3:1 против Јордан. По првиот погодок, тој на навивачите им приреди епско, ексцентрично славење: од штуцната извади шпил карти и со нив изведе брз маѓоснички трик директно пред телевизиските камери. Таа негова несекојдневна дрскост и неконвенционалност за едни е врвен натпреварувачки дух, а за други чист фудбалски шверц и „измама“. По натпреварот со кој Катар конечно обезбеди пласман на Светското првенство 2026, Афиф јавно и без срам призна дека лично побарал од навивачите на стадионот во Доха да направат инцидент. Во моментите кога Катар водеше со 2:1 против Обединетите Арапски Емирати (резултат кој ги носеше на Мундијал, додека реми го носеше ривалот), тој почнал да мавта со рацете кон трибините. „Сè беше со цел да се украде време. Им сигнализирав на навивачите да почнат да фрлаат предмети на теренот за да ја прекинеме играта и да потрошиме неколку минути“, откри Афиф со широка насмевка на лицето пред новинарите за време на една официјална церемонија на Азиската конфедерација. Шпанската авантура како патоказ за иднината Настрана од неговите магионичарски трикови и неортодоксни техники за победа, Акрам Афиф зад себе има неколку историски рекорди. Тој е првиот фудбалер од Катар кој заиграл во Ла Лига, облекувајќи го дресот на Спортинг Хихон во 2016 година. Претходно, како дел од соработката со академијата „Аспајер“, тој ги помина младинските категории на Севиља и Вилјареал. По одличните игри на Светското првенство за млади до 20 години во 2015, тој потпиша за белгиски Еупен (клуб во сопственост на катарски инвеститори), каде што дебитираше како професионалец во Европа. Сепак, и покрај очигледниот талент, Афиф никогаш не успеа целосно да се адаптира на суровиот европски фудбал. Се врати во Доха, потпиша за Ал Сад и таму буквално експлодираше со нестварни 159 голови на 253 натпревари. „Кога дебитирав во Шпанија, знаев дека тој момент е поголем од мене. Го претставував мојот Катар, мојата репрезентација и мојата академија. Сакав да ја инспирирам следната генерација да верува дека може да игра во Европа“, изјави тој тогаш. Сепак, реалноста е дека по него, Катар сè уште нема произведено играч кој е способен да се наметне надвор од границите на емиратот. Со 133 натпревари во националниот дрес, тој веќе е третиот играч со најмногу настапи во историјата на својата земја, а пред него на вечната листа на стрелци е само Алмоез Али – играч со идентичен животен пат, со потекло од Источна Африка и фудбалски описменет во „Аспајер“. Афиф можеби не ја освои Европа, но останува вечен крал на катарскиот фудбал.
Go to News Site