Kajgana
Ленче Ристоска поднесе оставка од функцијата Јавен обвинител Александра Спасеска 02.04.2026 / 11:33 Македонија Обвинителката Ленче Ристоска денеска до архивата на Советот на јавни обвинители поднесе оставка на функцијата Јавен обвинител. Во објава на социјалните медиуми Ристоска рече дека функцијата секогаш ја поимала како повик и можност за придонес кон подобрување на системот, општеството и пред сè животот на граѓаните и затоа во текот на нејзината кариера особен предизвик ѝ претставувала работата на „случаи кои најдиректно влијаат врз дерогирањето на општествените вредности и принципи“. „Работењето на високопрофилни случаи создава и високопрофилни непријатели — такви кои ги користат своите моќ, влијание и конекции за да избегнат одговорност и да ве оттргнат од вашата намера. Тоа подразбираше опструкции на различни нивоа, институционални и лични“, вели Ристоска и продолжува: „Низ годините бевте сведоци на многу од тие случувања: влијание врз сведоци, вршење притисоци, менување на законски решенија, чување предмети во фиока и застарување на предмети. Сето тоа не ме спречи да опстојам во моите заложби, па јавно ги критикував состојбите во правосудството без оглед на општествено-политичкиот контекст и без калкулации за последиците по мојата кариера.“ Ристоска нагласува дека овие напори сакала да ги заокружи од раководна позиција преку кандидатурата за државен јавен обвинител, „со јасна визија, акумулирано знаење и изградена отпорност спрема влијанија и притисоци“. „Верував дека е дојдено времето за институција чија водилка ќе биде јавниот интерес, борбата против корупцијата и криминалот и заштитата на правата на граѓаните. Оваа недела Советот на јавни обвинители ја отфрли мојата претставка за напад врз мојот интегритет и самостојност, а државниот јавен обвинител донесе одлука за повлекување на овластувањата за застапување во клучни предмети во завршна фаза. Сметам дека овие одлуки сериозно ја ослабуваат позицијата на јавното обвинителство и носат конкретни ризици за исходот на предмети кои таргетираат висока корупција и криминал. Овие постапки се во директна спротивност со визијата за која се залагам, а тоа е обвинителство кое работи надвор од политички влијанија, ги штити своите професионалци и го брани јавниот интерес доследно и без селекција“, вели Ристоска во објавата во која објаснува зошто поднела оставка од функцијата јавен обвинител. „Искрена благодарност на сите кои ја препознаа и поддржаа мојата посветеност и борба“, завршува Ристоска. СДК.МК потсетува дека Ристоска долго време е под силен јавен притисок од ВМРО-ДПМНЕ, од лидерот и премиер Христијан Мицкоски, а со години е под мобинг од Советот на јавни обвинители, уште од времето на СДСМ, па до денеска. Таа ги застапува обвиненијата за висока корупција во претходното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, но од кои финансиски е засегнато и ова на Христијан Мицкоски. Партиски имот вреден скоро пет милиони евра е замрзнат со години, а државниот буџет е оштетен и со „Талир 1”, кој е за перење пари. Ленче Ристоска Автор/Извор А.С. Прикажи во метро On
Go to News Site