Kajgana
Македонец од Австралија донирал комплет опрема за Победа, 4 месеци никој не сака да ја земе од царина Филип Здравески 04.04.2026 / 12:34 Фудбал Четири месеци на царина стои комплет опрема за прилепскиот второлигаш Победа бидејќи никој од клубот и од општината не сака да ја подигне. Фото: Шампион Гоце Павлески, прилепчанецот кој веќе две децении живее во Сиднеј, Австралија, со цел да му помогне на банкротираниот клуб организирал акција за донирање парични средства во Австралија. Собраната финансиската помош не била, како што вели, многу голема, па се одлучил со неа да набави комплет опрема за тренинг и за играње и ја испратил во родниот крај. Но, оттаму му подготвиле големо разочарување. „Собрав мали количини и се одлучив да направам спортска опрема за првата екипа, како зимски џакетчиња, дресови, шорцеви, по два пара и за дома и за гости. Направивме и тренерки, ги испративме овде и еве веќе четврти месец стојат на царина, нема слух никој, ни општината ни од клубот да се подигнат. И општината и клубот се запознати, само нема слух од никој. Од наша страна направивме сѐ што можеме, другото останува на градот и на клубот, не обвинувам никого, кој мисли дека може да ги подигне, бидејќи ќе останат за клубот“, раскажува Павлески за прилепскиот портал Шампион. Remote video URL Победа и со донираната опрема и без неа сезонава ќе испадне од втората лигата, бидејќи има куп долгови и никој не сака да вложи со клуб кој е во минус на сметката. Но, донираната опрема ќе останеше и за идните генерации, за некое друго време кога можеби клубот ќе се издигне како феникс. Фотографии од донираната опрема може да се погледнат на веб-страницата на Шампион . Замислете какво е разочарувањето на човекот кој давал од свој џеб и трошел од своето време за да апелира кај дијаспората во Австралија за да му помогне на клубот, за на крај оние на кои сакал да им помогне комплетно да го игнорираат. Некои едноставно не заслужуваат помош... ФК Победа Македонци во Австралија Автор/Извор Филип Здравески Прикажи во метро On
Go to News Site