Kurir
Градот Скопје, по првпат, ќе биде домаќин на едно од најзначајните младински спортски натпреварувања – Светското училишно првенство во ракомет 2026, кое ќе се одржи од 21 до 29 април, во организација на Федерацијата за училиштен спорт на Македонија, под покровителство на Министерството за спорт. Со овој престижен настан, главниот град ќе стане центар на светскиот младински ракомет, обединувајќи млади спортисти од повеќе земји, со цел промоција на спортските вредности, фер-плеј и меѓународното пријателство. Свеченото отворање на првенството ќе се одржи на 21 април со почеток во 19:30 часот на Плоштад Македонија, каде што ќе биде организирана богата културно-уметничка програма и дефиле на сите учесници и претставување на репрезентациите. Овој настан ќе го означи официјалниот старт на шампионатот кој ќе донесе вистинска спортска атмосфера во главниот град. На првенството ќе учествуваат вкупно 23 машки и 16 женски екипи, односно 21 делегација од различни земји од светот, кои ќе се натпреваруваат во шест спортски сали во Скопје: СРЦ „Македонско сонце“, СРЦ „Архиепископ Доситеј“, СРЦ „Кочо Рацин“, СРЦ „Крсте Мисирков“ и СРЦ „Антон Димитров“, додека финалните натпревари, ќе се одиграат на 28 април во спортската сала „Расадник“, кога ќе се одржи и свеченото затворање на првенството. Со тоа ќе биде заокружен овој значаен спортски настан кој остава траен белег во развојот на училишниот спорт. Во рамки на првенството, на 25 април ќе се одржи „Cultural Day“, ден посветен на културна размена, каде што учесниците ќе имаат можност да се запознаат со нашето културно и историско наследство. Истата вечер ќе се реализира и „Nations Night“, настан на кој делегациите ќе ги претстават своите земји преку традиција, музика и гастрономија, поттикнувајќи пријателство и меѓусебно разбирање. - Горди сме што Македонија ќе биде организатор на ова престижно првенство. Ракометот, како спорт со длабока традиција во Македонија, има посебно место во срцата на нашите граѓани и претставува значаен дел од нашиот спортски идентитет. Би сакала да упатам искрена благодарност до Министерството за спорт на Македонија за поддршката и до Светската федерација за училиштен спорт за укажаната доверба. Македонија нема да биде само домаќин на спортско натпреварување, туку домаќин на младоста, енергијата и иднината на светот. На едно место се обединети млади спортисти од целиот свет, со различни јазици, култури и традиции, но со една заедничка вредност – љубовта кон спортот, изјави претседателката на Федерацијата за училиштен спорт на Македонија, Елена Мицковска.
Go to News Site