Kurir
Бројот на пациенти со алергии и астматични симптоми во Куманово бележи значителен раст кај сите возрасни категории, вклучително и кај децата. Според д-р Нора Господинова-Николовска, специјалист по интерни болести во општа болница Куманово од астма центар Куманово, амбулантата работи со зголемен интензитет, особено во сезоните на висока концентрација на полен. Најчестите симптоми за кои пациентите бараат помош се затнат нос, кивање, течење на носот, чешање, но и тешкотии со дишењето и влошување на симптомите кај лица со веќе дијагностицирана астма. -Секојдневно имаме околу 20 закажани термини, но дополнително доаѓаат уште 10 до 15 пациенти со итни упати од матичните лекари -посочува докторката. Еден од најголемите проблеми, според докторката, е тоа што пациентите често ги мешаат симптомите на алергија со настинка, што доведува до несоодветен третман. -Пациентите често доаѓаат со барање за антибиотици и посилни лекови, што е грешка. Треба да се прави разлика меѓу настинка и алергија. Клучните разлики кај настинка ретко има црвенило и чешање на очите и носот, настинката трае неколку дена, алергијата може да трае со недели, сè додека трае цветањето на растенијата. Непрепознавањето на овие разлики често доведува до погрешно лекување и пролонгирање на симптомите- вели д-р Господинова. Таа предупредува дека самолекувањето е сериозен проблем. Пациентите не треба да ги игнорираат симптомите ниту да земаат терапија на своја рака. Првиот чекор, според препораките, е консултација со матичен лекар, кој потоа ќе одлучи дали е потребен преглед кај специјалист. -Долготрајниот алергиски ринитис, ако не се лекува правилно, може да премине во астма, состојба која е доживотна, но може да се контролира. Превенција е избегнување престој на отворено рано наутро и во ветровити денови кога концентрацијата на полен е највисока, затворање на прозорците, користење клима-уреди со филтри или прочистувачи на воздух. По враќање дома пресоблекување и туширање поради задржување на поленот на облеката и косата, редовно плакнење на носот со солени раствори или морска вода- препорачува д-р Господинова. Терапијата е различна и зависи од тежината на симптомите и може да вклучува антихистаминици, кои ја намалуваат реакцијата на имунолошкиот систем, локална терапија со кортикостероиди и инхалаторна терапија кај пациенти со астма.
Go to News Site