Collector
Кој е Петер Маѓар? Некогашен сојузник на Орбан, сега негов најголем противник | Collector
Кој е Петер Маѓар? Некогашен сојузник на Орбан, сега негов најголем противник
Kajgana

Кој е Петер Маѓар? Некогашен сојузник на Орбан, сега негов најголем противник

Кој е Петер Маѓар? Некогашен сојузник на Орбан, сега негов најголем противник Филип Здравески 07.04.2026 / 14:33 Свет Унгарците се подготвуваат за парламентарни избори на 12 април, а судејќи според анкетите, партијата Tisza (Тиса) предводена од Петер Маѓар е водечка. „Сега или никогаш“, порача Петер Маѓар (45) за време на силната кампања пред изборите на 12 април, на кои анкетите покажуваат дека би можел да победи. Тој некогаш беше во владејачката партија Fidesz (Фидес), предводена од сегашниот премиер Виктор Орбан, а сега претставува негова најголема закана. Маѓаровиот слоган доаѓа од крик на револуционерен поет од XIX век, кој повикувал на востание за татковината. По повеќе од 100 предизборни митинзи, неговата порака беше скратена на „Сега“, со прецртани зборови „или никогаш“, дополнително нагласувајќи ја итноста. Имал план да ги посети сите 106 изборни единици во Унгарија и држел по неколку говори дневно. Маѓар патувал низ земјата две години и на тој начин изградил силна база на поддршка, дури и во малите градови и села каде што традиционално доминира Fidesz. Минатата година пешачеше 300 километри од Будимпешта до романската граница во кампања за „обединување“ на нацијата, обидувајќи се да ги освои гласачите на Fidesz. Маѓар ветува дека ќе се бори против корупцијата, ќе ја подобри економијата и ќе се обиде да ја придобие поддршката на социјално загрозената ромска заедница во Унгарија. Исто така, вети дека ќе деблокира милијарди евра од фондовите на Европската Унија, кои во голема мера се замрзнати поради наводниот недостаток на почитување на владеењето на правото во Унгарија. Сепак, Орбан го прикажа како „марионета“ на Европската Унија и Украина и им рече на гласачите дека „тие се вистинската партија на мирот“. Добро го познава својот противник Самодовербата на Маѓар произлегува од длабокото разбирање на противникот со кој се соочува. До февруари 2024 година, Маѓар беше составен дел од семејството Fidesz. Се приклучил на партијата додека бил студент и се оженил со една од нивните доверливи соработници, Јудит Варга, со која има три деца. Се разведе во 2023 година. Потоа ги изненади Унгарците со појавување во живо на опозицискиот YouTube канал Partizan. Во земја со 9,6 милиони луѓе, милион луѓе го гледаа сериозниот Петар Маѓар како објаснува зошто е згрозен од сопствената партија. „Сите ме предупредуваа на тоа, пријателите, семејството, луѓето што ги познавам. Очигледно е дека сум дел од овој систем, од овој круг, долго време“, му рече тој на водителот Мартон Гуљаш. Унгарија потоа беше потресена од скандал во кој претседателката Каталин Новак помилува човек кој помогнал во прикривањето на сексуална злоупотреба во државен дом за деца. Таа поднесе оставка, како и поранешната сопруга на Маѓар. Варга беше министерка за правда и една од потписничките на помилувањето. Двете водечки жени од Fidesz ги претрпеа последиците. Варга имаше одлична политичка кариера во партијата, но таа заврши неславно. Сега, кога повеќе не дел од машинеријата на Fidesz, Маѓар почувствува дека неговиот момент е дојден. Интервјуто што го означи пресвртот „Не сакам да бидам дел од систем каде што вистинските луѓе на власт се кријат зад женски здолништа“, напиша тој на Facebook. Кон крајот на интервјуто за Partizan, Унгарецот зборуваше за надежта за политички промени, иако сметаше дека тоа ќе биде многу тешко додека Орбан е на власт. Постоечката опозиција, според него, е целосно неспособна, па затоа промените мора да дојдат одвнатре. „Сепак, еден ден ќе има промена, а кога ќе се случи, би можела да биде брза“, рече тој. Неговото појавување на YouTube стана вирално. „Тоа не беше планиран потег“, изјави подоцна за BBC. „Мајка ми ми викаше да не одам, но го јас направив спротивното. Сите знаеја каква е ситуацијата во Унгарија, не е многу безбедно да се спротивставуваш на оваа влада“, изјави тој. Бракот на Петер Маѓар, кој беше во фокусот на јавноста, се распадна во 2023 година, но тој сè уште беше важна фигура во Fidesz, иако не ѝ беше добро познат на пошироката јавност. Подемот на Петер Маѓар и разочарувањето во Fidesz Идеолошки, тој беше природен сојузник на социјалните конзервативци на Орбан. Освен што е син на двајца адвокати, кумот на Маѓар е поранешниот унгарски претседател Ференц Мадл. Не е ни чудо што се заинтересирал за политика уште од мал. Посетувал елитно католичко средно училиште во центарот на Будимпешта, а потоа студирал право на католички универзитет додека Орбан бил премиер во неговиот прв мандат од 1998 до 2002 година. Маѓар се приклучил на партијата по изборниот пораз на Орбан, а неговата сопруга Јудит Варга брзо станала една од клучните фигури на Fidesz, преземајќи ја функцијата министерка за правда во 2019 година. Предизборен билборд на  Fidesz кој го прикажува Маѓар како со Урсула фон дер Лајен и Володимир Зеленски истураат пари во златен тоалет Работел како дипломат во Постојаната мисија на Унгарија во Брисел, а подоцна го водел тимот на Орбан за соработка со Европскиот парламент. Исто така, бил член на управни одбори на државни компании. Неговото разочарување од партијата постепено растело. „Со текот на времето, станував сè покритичен, и јавно и меѓу пријателите. Можам да ви кажам дека Fidesz, како што го гледаме денес, е многу, многу различен од оној на кој се приклучив во 2002 година. Политичарите секогаш ми велеа дека е потребно да се задржи власта, и некое време го прифатив тоа. Но, пресвртницата беше 2024 година“, изјави тој за BBC. Во еден момент, Маѓар се запрашал дали направил грешка: „Имам три деца, многу ги сакам и бев многу загрижен за нивната иднина.“ Ако интервјуто на YouTube беше пресвртница, следниот голем момент дојде на 15 март 2024 година, националниот празник што ја одбележува годишнината од револуцијата од 1848 година. Додека Орбан зборуваше пред Националниот музеј во Будимпешта, осудувајќи ја Европската Унија и повикувајќи на „окупација на Брисел“, Маѓар се обрати пред околу 10.000 луѓе, обвинувајќи ја највисоката влада за корупција и лошо управување со економијата. Најави основање на нова партија, само неколку недели пред европските избори. Ги засили обвинувањата за корупција, па дури и објави тајна снимка од разговор со неговата поранешна сопруга од 2023 година, во која таа зборува за судски случај со висок профил. Јудит Варга изјави дека е згрозена од неговите постапки и го обвини за злоупотреба, што тој го негираше. Се судри и со поранешен пријател, министерот Гергеј Гуљаш, кој рече дека Маѓар е „оној кој прво го предава своето семејство, а потоа, како агент на Брисел, ја предава својата земја“. Кога го прашаа што мисли за својот противник, Орбан за BBC изјави: „Тој ја напушти Fidesz, тоа е сè“. Во меѓувреме, постигна значаен политички подем и формираше нови сојузи, вклучувајќи го и оној со популарниот актер Ервин Наѓ. Партијата Tisza Маѓар ја презеде неактивната партија Tisza и освои 29,6% од гласовите и 7 места во Европскиот парламент. Tisza заостанува зад владејачката Fidesz, која освои 44,8%, но Маѓар испрати силна политичка порака. До есента 2024 година, неговата нова партија беше пред Fidesz на анкетите, а тој остро ги критикуваше блиските врски на Орбан со Русија. Додека Орбан ја нарече Тиса „военоподбуцнувач“ и зборуваше за „бриселскиот воен марш“, Маѓар го осуди премиерот како човек кој во 1989 година побарал повлекување на советските трупи од Унгарија, а сега го гази наследството од 1956 година како „најлојален сојузник на Кремљ“. „Господине премиере, зошто повеќе не велите 'Руси, одете си дома'?“, праша тој. Маѓар не е либерал. Тој отворено се потсмеваше на либералната опозиција, која претходно се обиде да му се спротивстави на Орбан, но без успех. Еден од клучевите за неговиот успех е разбивањето на фрагментираната стара опозиција. Тој верува дека поранешниот социјалистички лидер Ференц Ѓурчани не е подобар од Орбан. Исто така, не се двоумеше да се спротивстави на медиумите блиски до Орбан, кои доминираат во медиумскиот простор во Унгарија. Порано годинава тврдеше дека бил цел на обид за кампања во „руски стил“, која вклучувала и компромитирачко видео. До новинарите беше испратена црно-бела фотографија од надзорна камера, на која наводно се гледаат дроги на ноќна масичка. Се претпоставуваше дека има уште материјал, а Маѓар се обиде да го спречи тоа. Призна дека имал сексуални односи со поранешна девојка, но негираше дека користел какви било супстанции и тврдеше дека бил намамен во „стапица“ организирана од тајните служби. „Мојата совест е чиста“, рече тој, додавајќи дека направил тест за дрога на 22 март за да докаже дека не користел дрога во последните месеци и дека и претходно имал негативен резултат. Досега, ниту едно од обвинувањата и нападите насочени против Унгарците не оставило значајна трага. Како поранешен советник на Fidesz верува дека ова му дава предност. „Ги познавам, ги знам нивните трикови. Знам дека се многу исплашени. Ова е можност што се случува еднаш во животот, не за Петер Маѓар, туку за целата земја“, рече тој. Унгарија Петер Маѓар Автор/Извор Ф.З. Прикажи во метро On

Go to News Site