Kurir
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ги осуди големите воздушни напади на Израел во Либан, велејќи дека во нив се убиени и повредени стотици цивили, вклучувајќи деца, и е оштетена цивилната инфраструктура, јави ДПА. Гутереш „недвосмислено ги осудува масовните напади“, изјави неговиот портпарол, Стефан Дужарик, во соопштение објавено синоќа. „Генералниот секретар остро ја осудува загубата на цивилни животи и е длабоко вознемирен од зголемениот број на цивили“, наведе портпаролот, пренесен од германската агенција. И покрај прекинот на огнот во конфликтот во Иран, Израел започна големи напади врз цели во Либан, вклучително и во главниот град Бејрут. Според либанското Министерство за здравство, само вчера се убиени најмалку 182 лица. Израелската војска соопшти дека целта на нападите биле команданти на Хезболах и воената инфраструктура, додека либанските власти соопштија дека меѓу жртвите имало многу цивили, пренесува ДПА. За разлика од Иран, САД и Израел не сметаат дека Либан е опфатен со договореното двонеделно примирје. Поради ова Иран размислува да се повлече од примирјето, објави иранската агенција Фарс. (МИА)
Go to News Site