Kurir
Унгарската државна изборна комисија НВИ информираше дека веќе пристигнале над 190 илјади гласови од унгарските граѓани кои живеат во странство, од вкупно половина милион гласачи од дијаспората колку што се пријавени. Најголем дел од овие гласови се очекува да пристигнат од соседните држави - Словачка, Србија, Украина, но пред се од Романија, од областа Трансилванија. Гласањето на дијаспората се одвива по пошта и нивните гласови се бројат само на пропорционалната листа на партиите, но не и на мнозинската листа. И покрај добрата организација на процесот, можно е резултатите од овие гласови да бидат преброени и објавени еден или неколку дена по завршувањето на гласањето во неделата. На претходните избори, во 2022 година, гласале над 260 илјади Унгарци кои живеат во дијаспората во соседните земји. Воедно, на овие избори гласале и над 57.000 унгарски државјани кои се регистрирани како државјани со адреси во Унгарија, но живеат или се на привремена работа во странство, и кои гласаат во дипломатските претставништва. Унгарците од дијаспората, кои гласале преку пошта, на минатите избори со огромно мнозинство се изјасниле за партијата Фидес на Виктор Орбан. Тогаш, нивните гласови не беа решавачки поради големата победа на Фидес на домашен терен, но имајќи ја предвид неизвесната трка на годинешните избори, може да се случи овие гласови да бидат пресудни. Во Фидес очекуваат дека ќе имаат силен резултат во 106-те изборни единици, каде гласовите на десницата се подобро распоредени отколку гласовите на урбаната левица. Но, партијата Тиса очекува да има посилен резултат на пропорционалната листа, преку која се избираат 93 пратеници, и тука е можно Фидес да има помош со гласови од дијаспората. Од друга страна, во категоријата - граѓани кои живеат во странство или се на привремена работа, Фидес доби само 19 проценти од гласовите на изборите за Европскиот Парламент во 2024 година. Цветин Чилиманов, специјален известувач за МИА од Будимпешта
Go to News Site