Collector
Стратешкиот дијалог со САД | Collector
Стратешкиот дијалог со САД
Kurir

Стратешкиот дијалог со САД

Соединетите Американски Држави и Иран постигнаа договор за примирје, одработен главно од страна на Пакистан. Пред да го објави примирјето, претседателот Трамп имаше телефонски разговор со премиерот на Пакистан, но и началникот на генералштабот, Мунир. Човек, кој е долгогодишен пријател со Трамп, а овој приватно него го нарекува „мојот најдраг филд маршал“. Куриозитет кој нема некое големо значење, но за Македонија може да биде добра поука. Имено, Македонија нема, или за триесет години не успеа да создаде поединци кои се етаблирани во меѓународните односи. Заради своите лични квалитети, а не заради меѓународните клучеви. Ова не е критика! Едноставно, држави со мали и слаби човечки ресурси тешко дека тоа можат да го постигнат. Оттука приодот во меѓународните односи треба целосно да се промени. Последниот стратешки дијалог со САД дава такви назнаки. Се чини безусловната подршка на американската политика во изминатава година почнува да дава резултати. Имено, одржувањето на вториот стратешки дијалог во услови кога САД се наоѓаат во сериозна меѓународна воено-политичка криза е знак на респект кон државата. Постоеа сите услови дијалогот да се одложи, но тоа не се случи. Истото важеше и за средбата на министерот Муцунски со заменикот на државниот секретар. Во услови на интензивни трилатерални преговори за постигнување на примирје, кои траеа до доцна во ноќта, одвојување на време за средба со министерот Муцунски е покажување на респект и кон министерот, но уште повеќе кон државата. За потсетување, за време на последниот судир помеѓу САД и Иран, германскиот канцелар чекаше два часа за средба со државниот секретар Рубио. Во овој контекст не е на одмет да се истакне и настапот на министерот Муцунски на дебата организирана од страна на угледниот Атлантски совет. Чест, но и одлична можност американската експертска јавност од прва рака да се запознае со македонските позиции. Анализата на протоколот на домаќинот, не секогаш ја одразува правата слика на билатералните односи помеѓу државите. Дополнително во ниту еден момент не треба да се испушти од предвид фактот дека зборуваме за односи помеѓу најголемата сила на светот и Македонија. И денешнава пракса, но и историјата на меѓународните односи, јасно подучува дека големите сили лесно можат да ја сменат политиката. Тоа ништо не ги чини! Односот на големите европски сили кон Македонија, низ историјата тоа најдобро го покажува. Посебно доколку не си доволно силен за да влијаеш на нивните политики. Уште подобро да ги „навлечеш“ тие да преземат дел од грижата за националната безбеност. Токму во овој контекст е искучително важно да се потенцира вордингот употребен во втората реченица од соопштението. Таа гласи: „…Стратешкиот дијалог го продлабочува партнерстово помеѓу Соединетите Држави и Македонија и ги поттикнува нашите споделени цели за промоција на мирот, безбедноста и просперитетот…“. Нема регионална безбедност, нема Западен Балкан. Јасен знак дека согласно американската политика, соработката со Македонија не е врзана со регионаланта безбедност. Тоа прашање не е повеќе од интерес на САД. Аргумент повеќе за потребата Македонија да ја продлабочува соработката со оваа држава. Во услови на гео-политичко опкружување, кое не е наклонето кон Македонија, нашето оттргнување од САД може само дополнително да ја влоши нашата гео-политичка позиција, но и националната безбедност. При ова, воопшто не треба да се игнорира можноста САД да го напуштат НАТО. Во вакво едно сценарио најдобро решение е „навлекување“ на „големиот играч“. Чекор кој македонската влада, за почеток, добро го одигра. Давањето на концесија за експлатација и извоз на антимон во САД, како и договорената диверзификација на снабдувањето на државата со американски енергенси, во пракса не значи ништо друго туку создавање на состојба во која САД ќе покажат поголем интерес за нивниот капитал во Македонија. Со самото тоа и за безбедноста на Македонија. Се разбира ова е малку. Република Македонија ќе треба лека-полека еден добар дел од своите геолошки потенцијали да ги понуди на американскиот пазар. Да се надеваме дека ова ќе се случи и со Чеберен и Галиште. Стара вистина е дека големите мулти-национални компании се најдобрите лобисти за државите во кои имаат пласирано значаен капитал. Во овој контекст не е на одмет да се укаже на фактот дека договорената американска помош во зајакнувањето на македонските системи за безбедност има пошироко значење. Колку Македонија е побезбедна, толку е попривлечна за странски инвестиции. Нешто што е од посебно значење за реализација на националните интереси. Интереси кои побаруваа Македонија да се обиде ги интензивира стратешките односи со Обединетото Кралство и Унгарија, но да изнајде и други. Во таа смисла не е на одмет интензивирање на соработката со Обединетите Арапски Емирати, се разбира доколку и тие покажуваат таков интерес. Исто така, не ќе да е на одмет да се проба и со Австрија, ако ништо друго во развој на македонскиот планински туризам. Автор: Јован Донев ( за НетПрес )

Go to News Site