Kurir
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прима, г.г. Стефан и до претседателот на Црковното претставништво на Евангелско – методистичката црква, Емил Заев. Во продолжение ги доставуваме упатените честитки. Почитуван г.г. Стефан, Вам лично, на членовите на Светиот архијерејски синод, на преподобното монаштво и свештенство, како и на сите православни верници, Ви го честитам најголемиот и најсветол христијански празник, Воскресението Христово – Велигден. Во овие возвишени и благодатни денови, кога се открива тајната на животот како победа над смртта, а светлината торжествува над темнината, од срце Ви посакувам во Вашите домови да се вселат мирот, љубовта, здравјето и Божјиот дух. Воскресението Христово е темел на христијанската вера, вечен извор на надеж и суштина на човековото постоење. Во него е содржана најдлабоката вистина за преобразбата дека преку жртвата, смирението и љубовта, човекот се издигнува и се приближува кон божественото. Во време на тешки општествени превирања, големи искушенија и силни и морални предизвици, мораме да истраеме во добродетелите, обединети околу вредностите на човекољубието, солидарноста и заемната почит. Да ги отвориме срцата за ближните, да ја засилиме грижата за ранливите и да го разбудиме духот на соборност и заедништво. Нека светлината на Христовото воскресение ни подари сила, мудрост и непоколеблива вера во доброто, како вечен принцип на човечката егзистенција. Христос воскресе! Навистина воскресе! Гордана Сиљановска-Давкова Почитуван г. Емил Заев, Дозволете ми, Вам и на сите припадници на Евангелско-методистичката црква, да Ви го честитам најголемиот христијански празник, Воскресение Христово – Велигден. Во овие светли и благословени денови, кога се радуваме на победата на животот над смртта и на надежта над стравот, Ви посакувам мир, здравје, љубов и семејна топлина во Вашите домови. Велигден е симбол на нов почеток и духовна обнова. Празникот нè потсетува дека и во најтешките моменти постои излез, дека по секоја темнина доаѓа светлина и дека добрината и човечноста секогаш победуваат. Овој празник нè повикува да бидеме подобри, да се разбираме меѓусебно, да си помагаме и да се почитуваме. Во време на тешки предизвици, мора да останеме сплотени околу вистинските вредности: мирот, солидарноста и хуманоста. Да ги отвориме срцата за ближните, да им даруваме радост на тажните, да шириме позитивна мисла и енергија. Нека Велигден го разбуди божественото во секој од нас! Христос воскресе! Навистина воскресе! Гордана Сиљановска-Давкова
Go to News Site