Kajgana
Крај на еден од најпознатите грабежи во Европа Вратен украден златен шлем стар 2.500 години Филип Здравески 14.04.2026 / 11:54 Свет Еден од највредните археолошки предмети во Европа, златен шлем стар околу 2.500 години, е пронајден и вратен, по повеќе од една година преговори со крадците. Станува збор за т.н. шлем Коцофенешти, артефакт кој потекнува од античкиот регион Дакија во денешна Романија. Се смета за симбол на гореспоменатата култура и еден од нејзините најважни зачувани предмети. Пронајден е кај истоименото село околу 100 километри северно од Букурешт. Привремена изложба, експлозија и апсења Шлемот беше украден во јануари 2025 година од музеј во холандскиот град Асен, за време на грабеж во кој крадци користеле експлозиви за да провалат во зградата и да ги скршат витрините. Интересно е што стануваше збор за привремена изложба, со артефакти позајмени од Романија, наречена „Дачија: Царство на сребро и злато“. Заедно со шлемот исчезнале и три златни нараквици од истиот период. Постоел страв дека предметите ќе бидат стопени, бидејќи нивната бесценета вредност го отежнува нивното продавање на црниот пазар. Сепак, сценариото доби неочекуван пресврт. Иако крадците беа уапсени по три дена, дури по месеци истрага и притисок од властите тие вратија дел од украдените артефакти на почетокот на април 2026 година. Како што истакнуваат адвокатите на осомничените, тоа е договор како дел од признанието на вината. Национално богатство на Романија и тензии со Холандија Шлемот има мали оштетувања, но експертите тврдат дека е можно целосно да се врати неговиот претходен изглед. Од трите украдени нараквици, две се вратени и тие се без видливи оштетувања. Случајот привлече големо внимание не само поради вредноста на предметите, туку и поради нивното културно значење за Романија. Кражбата дури доведе и до дипломатски тензии меѓу Романија и Холандија, како и прашања за одговорноста на музејот што ги изложил артефактите. Самиот шлем е направен од повеќе златни плочи и украсен со мотиви од митологијата. Исто така, има декорации во форма на око за кои се верувало дека штитат од зло и претставува единствена мешавина од уметност и симболика од античкиот свет. Затоа, неговото враќање не е само успех за инспекторите, туку и ретка победа во светот на кражбата на артефакти, каде што голем број предмети никогаш не се наоѓаат. археологија грабеж Романија Холандија Автор/Извор Ф.З. Прикажи во метро On
Go to News Site