Kajgana
Претседателот на УЕФА е во Скопје, се сретна со премиерот Мицкоски и ФФМ претседателот Омерагиќ Филип Здравески 16.04.2026 / 18:40 Фудбал На покана од претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Масар Омерагиќ, претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, денеска престојува во официјална посета на Македонија. Заедно со првиот човек на европскиот фудбал, во делегацијата се и Зоран Лаковиќ (директор за национални асоцијации во УЕФА), како и Денис Бастари (раководител за развој на национални асоцијации во УЕФА). Во рамки на посетата на нашата држава Чеферин оствари средба на највисоко ниво со претставници на Владата на Република Македонија, со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт, Борко Ристовски, по што следуваше и работен состанок во „Куќа на фудбалот“. Претседателот на ФФМ, Омерагиќ, ја истакна важноста на посетата, со посебен акцент на реформите и развојот на македонскиот фудбал во изминатиот период. „Посетата на Александер Чеферин е вистинска потврда на нашето пријателство и искрениот однос што го имаме со раководството на УЕФА. За нас е особено важно што во изминатата година спроведовме сериозни реформи во повеќе сегменти, од структурни и организациски промени, преку подобрување на инфраструктурата, до јасна стратегија за развој на младинскиот фудбал. Споделивме вредни информации за состојбите во фудбалот во Македонија и регионот и отворено разговаравме за клучните теми. Оваа поддршка и разбирање од УЕФА е силен поттик да продолжиме со реформите и да го развиваме македонскиот фудбал на највисоко можно ниво“, изјави Масар Омерагиќ. Чеферин и Омерагиќ на Меѓународниот аеродром „Скопје“; Фото: ФФМ Тој имаше и низа пофалби за Словенецот на челото на УЕФА. „Чеферин со знаење, храброст и одлучност го води европскиот фудбал низ големи предизвици во изминатите години и сите сме уверени дека и понатаму, на ист начин како досега, ќе го штити и развива европскиот фудбал. Се покажа како личност која е способна истовремено комерцијално да ги развива елитните натпреварувања на УЕФА, од Лигата на шампионите до Европското првенство, а истовремено да ја чува базата и да инвестира во развојот на фудбалот низ цела Европа. Горди сме на одличната соработка на нашата федерација со УЕФА“, истакна Омерагиќ. ФФМ УЕФА Александер Чеферин Христијан Мицкоски Масар Омерагиќ Автор/Извор Ф.З. Прикажи во метро Off
Go to News Site