Collector
Хезболах не верува дека Израел ќе го почитува прекинот на огнот | Collector
Хезболах не верува дека Израел ќе го почитува прекинот на огнот
Kurir

Хезболах не верува дека Израел ќе го почитува прекинот на огнот

Израел и Либан вчера со посредство на САД договорија десетдневен прекин на огнот, а меѓународните посредници се надеваат дека договорот може да биде основа за мировен договор помеѓу Израел и Либан, држави кои немаат дипломатски односи. Примирјето помеѓу Израел и Либан стапи во сила на полноќ по локално време. Борците на Хезболах напаѓаа цели во северен Израел се до почетокот на примирјето, додека израелските напади врз либанските села траеја уште 30 минути по стапувањето во сила на договорот. Проиранската група Хезболах, која во повеќе држави е прогласена за терористичка организација, не учествуваше во преговорите за примирје. Хезболах денеска соопшти дека „го држи прстот на орозот“ во случај на какво било „предавство или измама“ од страна на Израел за време на примирјето. - Секое примирје мора да биде сеопфатно на целата територија на Либан и не смее да му се дозволи на израелскиот непријател никаква слобода на движење, наведе милитантната група. Хезболах на Телеграм објави дека од 2 март до 16 април извршил вкупно 2.184 операции против Израел. Спорна точка од привременото примирје е военото присуство. Израел не сака да ги повлече силите од јужен Либан, а израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера истакна дека израелските сили ќе останат во „безбедносна зона“ на либанската територија на околу 10 километри од границата. Хезболах тврди дека израелската присутност на либанска територија е причина за отпор. Светските лидери го поздравија привременото примирје помеѓу Израел и Либан, надевајќи се дека тоа ќе доведе до траен мир во регионот. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш го поздрави договорот и ја пофали медијацијата на САД. - Се надевам дека ова ќе го отвори патот за преговори за долгорочно решение на судирот и ќе придонесе за траен и сеопфатен мир во регионот, посочи Гутереш. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен истакна дека прекинот на огнот е „олеснување“ и повика на „пат кон траен мир“ со целосно почитување на суверенитетот на Либан. Таа, исто така, нагласи дека ЕУ ќе продолжи да обезбедува хуманитарна помош за либанското население, додека претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, посочи дека Унијата ќе продолжи да го поддржува Либан. И Иран го поздрави примирјето во Либан, опишувајќи го како дипломатски успех и резултат на „отпорот“ на Хезболах. Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи наведе дека Техеран инсистирал на пошироко регионално примирје. Додека иранската телевизија ИРИНН јави дека отпорот на Иран и Хезболах „ги принудил“ САД и Израел „да прифатат десетдневен прекин на огнот во Либан“. По стапувањето во сила на примирјето илјадници Либанци се враќаат во своите домови во јужен Либан и во јужните предградија на Бејрут.

Go to News Site