Kajgana
Суптилен знак на замастен црн дроб кај жените над 50 години Александра Спасеска 19.04.2026 / 11:15 Здравје Жените во постменопауза се соочуваат со зголемен ризик од развој на замастен црниот дроб, а лекарите предупредуваат за еден тивок знак што често се занемарува. Иако е познато дека пиењето премногу алкохол го оптоварува црниот дроб, многумина не сфаќаат дека вишокот маснотии може да биде подеднакво штетен. Според извештајот објавен во списанието BMC Gastroenterology, 40 проценти од возрасните во Соединетите Американски Држави на возраст меѓу 60 и 74 години имаат неалкохолна болест на црниот дроб (NAFLD). Што е замастен црн дроб и кој е најмногу изложен на ризик? „Замастен црн дроб се однесува на акумулација на маснотии во црниот дроб“, вели за Parade д-р Суџит Џанардан, хепатолог во Медицинскиот центар на Универзитетот Раш, кој е специјализиран за оваа состојба. Тој објаснува дека неалкохолната болест на црниот дроб е предизвикана од метаболичка дисфункција, како што се дебелината и дијабетесот тип 2. Д-р Џузепи Морели, гастроентеролог специјализиран за заболувања на црниот дроб, наведува дека возраста е исто така важен фактор на ризик. „Ризикот достигнува врв во четириесеттите и педесеттите години и останува висок од неколку причини“, истакнува тој. Меѓу овие причини се метаболички промени како што се зголемена инсулинска резистенција и акумулација на висцерални масти, намалување на волуменот на црниот дроб и протокот на крв со возраста, што ја намалува неговата ефикасност, и хормонални промени кои го поттикнуваат складирањето на масти. Токму овие хормонални промени се директно поврзани со зголемениот ризик кај жените во постменопауза. Двајцата лекари предупредуваат дека нелекуваната масна болест на црниот дроб го зголемува ризикот од кардиоваскуларни заболувања, срцев удар и мозочен удар, како и откажување на црниот дроб. Затоа раното откривање и лекување се клучни. Скриен симптом кој често се занемарува Замастен црн дроб се развива бавно и често без очигледни знаци. Д-р Морели ја нарекува „тивка болест“ бидејќи обично нема симптоми во раните фази. „Повеќето луѓе дознаваат дека ја имаат само преку рутински крвни тестови кои покажуваат покачени ензими на црниот дроб или тестови за снимање, како што се ултразвук, направени од други причини“, објаснува тој. Сепак, двајцата лекари истакнуваат дека постои еден ран симптом кој често не се препознава. „Кога ќе се појават симптоми, првиот често е необјаснив замор или општо чувство на малаксаност“, наведува д-р Морели. Д-р Џанардан се согласува, додавајќи: „Симптомите се многу благи и честопати доста неспецифични. Најчестата поплака е заморот, што секако е нешто што многумина од нас го чувствуваат секојдневно.“ Причината за ова, вели тој, е што црниот дроб станува помалку ефикасен во претворањето на храната во енергија. Други рани знаци и напредна фаза Освен заморот, д-р Џанардан вели дека некои пациенти се жалат на чувство на исполнетост или тапа болка во горната десна страна на абдоменот, што може да се должи на зголемен црн дроб. Доколку почувствувате вакви симптоми, двајцата лекари советуваат што е можно поскоро да се јавите кај вашиот лекар. Како што напредува болеста, може да се појават посериозни симптоми, вклучувајќи пожолтување на кожата или очите, оток на нозете или абдоменот, чешање на кожата, пајаковидни вени, ментална конфузија и необјаснето губење на мускулната маса. „Опциите за третман за вакви пациенти се поограничени, поради што е важно да се фокусираме на идентификување на факторите на ризик и рано скринирање“, вели д-р Џанардан. Како да се намали ризикот? Добрата вест е дека можете значително да го намалите ризикот од замастувње на црниот дроб, па дури и да го поправите ако веќе го имате. „Најдобриот начин да се спречи замастен црн дроб поврзан со метаболичка дисфункција е да се одржува здрав начин на живот преку исхрана и вежбање. Целта е да се спречат метаболички состојби што предизвикуваат замастен црн дроб“, вели д-р Џанардан. Првиот чекор е соработка со лекар со цел да се контролираат постојните здравствени состојби. Што се однесува до исхраната, двајцата лекари препорачуваат медитерански тип на исхрана, богата со растителна храна, влакна, протеини од растенија или риба и умерени количини на здрави масти. Д-р Морели советува ограничување на внесот на алкохол и шеќер, главните двигатели на болеста. „Вежбањето треба да вклучува и аеробна активност и вежби за сила“, додава д-р Џанардан, а д-р Морели препорачува да се стремиме кон 150 минути физичка активност неделно. Иако е идеално да се усвојат овие навики пред педесеттата година, никогаш не е предоцна. „Губењето на само 3 до 5 проценти од телесната тежина може да ги намали мастите во црниот дроб, а губењето од 7 до 10 проценти може дури и да ги поништи лузните“, објаснува д-р Морели. Последиците од заболувањето на масниот црн дроб се опасни по живот, но може да се избегнат. Справувањето со постојните состојби и усвојувањето здрави навики се клучни за спречување, па дури и за поништување на оваа болест. црн дроб Автор/Извор А.С. Прикажи во метро On
Go to News Site