Kurir
ВМРО-ДПМНЕ упати критики кон претседателот на СДС, Венко Филипче, по неговото учество на средба на Партијата на европски социјалисти во Барселона, оценувајќи дека раководството на СДС се оддалечува од домашните политички предизвици. Во партиското соопштение се наведува дека е „иронично“ што, според нив, СДС изразувал поддршка за политички субјекти во други држави, додека, како што велат, нивната сестринска партија во Унгарија освоила минимална поддршка на изборите. Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека СДС „слави туѓи победи“, наместо да се фокусира на сопствената состојба. Од партијата посочуваат и на, како што велат, падот на довербата кај гласачите, наведувајќи дека СДС доживеал пораз на парламентарните избори во 2024 година, како и на локалните избори, при што освоил околу 130 илјади гласови. Во соопштението се споменуваат и внатрешните состојби во партијата, при што се тврди дека има незадоволство меѓу поранешни функционери и отсуство на сериозни реформи. Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека СДС треба да се насочи кон креирање на програма и враќање на довербата кај граѓаните, наместо, како што наведуваат, да се занимава со политички случувања надвор од државата.
Go to News Site