Kajgana
И Кина се огласи за Ормутскиот Теснец Александра Спасеска 20.04.2026 / 15:13 Свет Кинескиот претседател Си Ѓинпинг повика на сеопфатен прекин на огнот во конфликтот меѓу САД и Иран и на обезбедување непречен премин на бродовите низ Ормутскиот Теснец. Тој го кажал ова во телефонски разговор со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, што беше негов прв контакт со лидер од Блискиот Исток од почетокот на војната на 28 февруари, пишува Anadoly Agency. Си нагласи дека нормалното поминување низ теснецот е во заеднички интерес на земјите од регионот и меѓународната заедница. Кинескиот претседател додаде дека Пекинг ги поддржува регионалните земји во нивните напори да изградат заедничка област на добрососедство, развој, безбедност и соработка, да одлучуваат за сопствената иднина и судбина и да промовираат долгорочна стабилност и мир. „Пекинг се залага за итно и сеопфатно прекин на огнот и прекин на непријателствата. Ги поддржуваме сите напори што придонесуваат за враќање на мирот и остануваме посветени на решавање на споровите преку политички и дипломатски средства“, рече Си. Тој, исто така, ја изрази подготвеноста на Кина да ја продлабочи стратешката меѓусебна доверба со Саудиска Арабија и да ја зајакне практичната соработка. View this post on Instagram A post shared by Roya News English (@royanewsenglish) Американскиот претседател Трамп во неделата објави дека американски претставници ќе патуваат во Исламабад на разговори со Иран. Техеран сè уште официјално не ја објави својата одлука, но како услов постави укинување на американската блокада на иранските пристаништа. На 11 и 12 април, Пакистан беше домаќин на контактите на највисоко ниво меѓу САД и Иран од прекинувањето на дипломатските односи во 1979 година, но тие разговори не донесоа резултати. Разговорите се одржаа откако Пакистан посредуваше меѓу двете страни од почетокот на војната и обезбеди двонеделен прекин на огнот што стапи на сила на 8 април. Претходно, пакистански извори изјавија дека пристигнувањето на иранската делегација во Исламабад се очекува во вторник. Сепак, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Бакаеи, изјави дека Техеран „не прифаќа никакви рокови или ултиматуми во остварувањето на своите национални интереси“. Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан сепак повика на користење на сите разумни и дипломатски начини за намалување на тензиите, велејќи дека војната не е во ничиј интерес. Кина Си Ѓинпинг Ормутски Теснец Автор/Извор А.С. Прикажи во метро On
Go to News Site