Collector
Државната комисија за жалби по јавни набавки решила над 91 отсто од жалбите во 2025 година | Collector
Државната комисија за жалби по јавни набавки решила над 91 отсто од жалбите во 2025 година
Kurir

Државната комисија за жалби по јавни набавки решила над 91 отсто од жалбите во 2025 година

Државната комисија за жалби по јавни набавки во текот на 2025 година постапувала по вкупно 1.535 предмети, од кои 1.405 биле решени, што претставува 91,5 проценти од вкупниот број, покажува Годишниот извештај за работата на Комисијата за 2025 година, кој денеска беше разгледан од Комисијата за финансирање и буџет во Собранието. Нерешени останале 130 предмети, односно 8,5 проценти, при што Комисијата бележи континуитет во високата ефикасност во решавањето на жалбите и зголемување на бројот на решени предмети во однос на претходните години. Во текот на 2025 година најголем број предмети биле решени во последниот квартал. Само во декември биле решени 212 предмети, што претставува 15,1 процент од вкупниот број решени предмети за целата година. Просечно, Комисијата решавала по 117 предмети месечно, што е зголемување во споредба со 2024 и 2023 година. Од вкупно решените предмети, 637 жалби биле усвоени, 475 биле одбиени, а 151 жалба била отфрлена, покажуваат податоците од извештајот. Кај усвоените жалби, најчесто била поништувана одлуката на договорниот орган, а во помал број случаи целата постапка. Најчеста причина за отфрлање на жалбите била нивната неуредност, која учествува со 68,2 проценти, по што следуваат ненавременост со 22,5 проценти, како и недозволеност и недостиг на правен интерес. Во извештајниот период биле евидентирани и 119 управни спорови поведени против одлуките на Државната комисија. Од одлуките на Управниот суд, најголем дел од тужбите биле одбиени како неосновани, што, како што се наведува во извештајот, укажува на стабилна и издржана пракса во постапувањето на Комисијата. Членовите на собраниската Комисија за финансирање и буџет на седницата едногласно ги усвоија и Годишната програма за работа, финансискиот и стратешкиот план на Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2026 година.

Go to News Site