Kurir
Македонскиот претставник во АБА 2 лигата ТФТ утре гостува кај екипата на Широки во првиот финален натпревар од плеј офот. Претставникот од Босна И Херцеговина заради првото место во регуларниот дел од првенството првиот натпревар и евентуалната мајсторка ќе ја игра на домашен терен. Но, во таборот на Широки се внимателни: - ТФТ има исклучително квалитетни странци и домашни играчи, кои навистина даваат квалитет, особено Ташовски, кој во последно време постојано ја крева формата. Тука е и Зафиров, како и четирите американски кошаркари. Се подготвуваме сериозно и да ги искористиме нивните слаби страни, како што тие ќе се обидат да ги нападнат нашите слаби страни. Мислам дека натпреварот може да заврши со победа на која било од екипите, истакна тренерот Маријан Багариќ. Капитенот на Широки Јосип Билиновац за ривалот во финалето изјави: - Екипата на ТФТ заслужува респект со самиот пласман во финалето и со тоа покажуваат дека се сериозна екипа, добро составена. Имаат добри индивидуалци. Странските играчи им носат дополнителен квалитет, ги следиме, скаутираме и ги знаеме. Првиот натпревар од финалната серија Широки – ТФТ се игра утревечер со почеток во 20:30 часот. Натпреварот број 2 се игра во Скопје на 29.април, додека евентуалната мајсторка повторно на теренот на Широки на 6.мај. (МИА)
Go to News Site