Kurir
Меѓу бројната конкуренција, тимот на ООУ „Јан Амос Коменски“ денеска постигна огромен успех освојувајќи ја првата награда во категоријата за Најиновативно еко решение, во рамки на еднодневниот настан „Зеленикс - од предизвик до иновација“, кој го организираше Агенцијата за иновации научно- технолошки развој и претприемништво – ИНОВА. Станува збор за креативен и едукативен ден кој е наменет за учениците од основните училишта во Скопје, а настанот се одржа во просториите на Младинскиот културен центар, по повод денот на креативноста и иновативноста 21 април. Овој значаен успех е резултат на посветената работа на тимот „Go Green“, составен од учениците: Михаил Јачовски, Аника Манасијевска, Максим Ампов, Лара Нелковска, Мартин Ивановски кои преку креативен пристап и иновативни идеи дадоа пример за тоа како младите можат активно да придонесат кон заштита на животната средина. Исто така, тимот составен од учениците: Михаил Лазаревски, Лука Ристески, Нора Кус-Иванова, Марина Талевска и Нина Ќуркчиева се истакна со одлична работа, креативност и тимска соработка и покажа високо ниво на знаење и посветеност во текот на целиот настан. Ментор на тимовите е Татјана Ѓеоргиевска, чија поддршка и насоки беа клучни во реализацијата на ова достигнување. Поддршка даде и Соња Казакова, педагог на училиштето, која активно даде придонес во текот на целиот настан Покрај стимулирање на компететивниот дух, со овој настан младите скопјани се поттикнуваат да размислуваат иновативно и да развиваат одржливи (зелени) решенија за реалните проблеми од својата околина, преку практична тимска работа и претприемачки пристап.
Go to News Site