Collector
Директорката на Радиологија, д-р Николова за МИА: Значителен дел од пушачите знаат за штетноста и можноста да добијат рак – но, не планираат да се откажат | Collector
Директорката на Радиологија, д-р Николова за МИА: Значителен дел од пушачите знаат за штетноста и можноста да добијат рак – но, не планираат да се откажат
Kurir

Директорката на Радиологија, д-р Николова за МИА: Значителен дел од пушачите знаат за штетноста и можноста да добијат рак – но, не планираат да се откажат

- Најдобрата превенција кога се во прашање малигните заболувања е комбинација од здрав начин на живот и рано откривање. Тоа значи непушење, одржување здрава телесна тежина, физичка активност, умерена и здрава исхрана, ограничување на алкохол, како и редовни превентивни и скрининг-прегледи, кога се индицирани. Европскиот кодекс против карцином јасно нагласува дека непушењето е меѓу најважните поединечни мерки за превенција на рак, а откажувањето носи корист на секоја возраст, изјави за МИА, доц. др. Соња Николова, директор на ЈЗУ Универзитетски институт за радиологија. Таа смета дека доколку се спроведува доследно, од новонајавениот закон против пушење, ефектот може да биде значаен. - Новиот предлог-закон во Македонија е поставен пошироко од досегашната практика и предвидува регулирање не само на класичните цигари, туку и на електронските цигари и другите никотински производи. Тоа е важно, затоа што јавното здравје не смее да се штити селективно. Главните придобивки би биле подобра заштита на непушачите, намалена изложеност на пасивно пушење, појасни правила во јавниот простор и посилна порака до младите дека никотинската зависност не е безопасна навика - нагласи Николова. Таа додаде дека треба уште многу да се работи на свеста за последиците од пушењето. - Иако голем дел од луѓето декларативно знаат дека пушењето е штетно, тоа не секогаш се претвора во промена на однесувањето. Свеста не треба да се мери само по тоа дали некој „знае“, туку дали разбира колку се реални и сериозни ризиците и дали има мотивација и поддршка да престане. Податоци на СЗО за Македонија покажуваат дека пушењето е високо социјално прифатено, а значителен дел од пушачите и покрај свесноста за штетноста - не планираат да се откажат, што јасно укажува дека се потребни многу повеќе едукација, кампањи и системска поддршка - подвлече Николова. Докторката нагласи дека пушењето е исклучително штетно, тутунот е главен ризик-фактор за кардиоваскуларни и респираторни заболувања и е поврзан со повеќе од 20 видови или подтипови на рак. - СЗО наведува дека употребата на тутун учествува во околу 25 проценти од сите смртни случаи од рак на глобално ниво, а пушачите имаат значително повисок ризик за карцином на белите дробови. Нема безбедно ниво ниту на активно, ниту на пасивно изложување на чад - истакна таа. Што се однесува до електронските цигари, Николова смета дека важно е јасно да се каже дека тие не се безопасни. Штетни се по здравјето и не се безбедни, нагласи таа, а никотинот ствара висока зависност. Дополнително, како што подвлече, постојат докази дека употребата на електронски цигари кај младите може да го зголеми ризикот подоцна да започнат и со конвенционално пушење. - Значи, тезата дека „вејпот е безопасна алтернатива“ не е медицински издржана, особено кога станува збор за млади лица - децидна беше Николова. Нејзината порака до младите е да не дозволуваат нешто што создава зависност и му штети на здравјето - да се претставува како стил, слобода или начин на прифаќање. - Пушењето не е симбол на зрелост, туку навика што многу лесно преминува во зависност и остава последици врз белите дробови, срцето, крвните садови и целокупното здравје. Вистинска зрелост е да се донесе информирана одлука и да не се подлегне на притисокот од околината - одговори Николова на прашањето за младите кои можеби наивно сметаат дека пушењето е кул и влегуваат во тие води, со цел да бидат прифатени од околината. Според Николова, законот е важен, но, сам по себе - не е доволен. - Потребни се континуирани образовни кампањи, работа со ученици и родители, активна улога на здравствените работници, програми за одвикнување од пушење и јасна јавна порака дека заштитата на здравјето мора да биде над секој комерцијален интерес. Само со здружени институционални и општествени напори може реално да се намали бројот на пушачи и товарот од малигни, срцево-садови и хронични белодробни заболувања - нагласи Николова. Ја прашавме дали се зголемува или се намалува бројот на пациенти кај нив и кои се најчестите болести со кои тие се соочуваат. - Да, бележиме зголемување на бројот на прегледи. Во 2025 година имаме приближно 30 отсто повеќе прегледи во однос на 2023 и 2024 година, особено бројот на прегледи на компјутеризирана томографија и магнетна резонанца. Тоа упатува и на зголемена потреба од напредна дијагностика. Во однос на патологијата, особено се забележува пораст кај онколошките заболувања, кардиоваскуларните болести, но и кај други хронични системски заболувања - одговори таа на нашето прашање. Докторката информираше дека во секојдневната клиничка пракса, навистина може да се забележи тренд, одредени малигни заболувања сè почесто да се детектираат и кај помлади возрасни групи, отколку порано. - Сепак, важно е да се биде внимателен - тоа не значи дека сите карциноми масовно „се префрлаат“ во помладата возраст, туку дека кај дел од нив, се забележува поместување на возрасниот профил, што бара поголема будност, порано препознавање на симптомите и навремени превентивни прегледи - апелираше д-р Николова во изјавата за МИА.

Go to News Site