Kurir
На 29 април во Собранието ќе се одржи јавна расправа на тема „Влијанието на социјалните мрежи врз младите и нивното ментално здравје“, најави пратеничката Драгана Бојковска од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Како претседател на Клубот за младински прашања и политики, Бојковска истакна дека одлуката за одржување на расправата е донесена консензуално и претставува „прашање од заеднички интерес, надвор од партиските разлики“. „Живееме во ера каде дигиталниот свет веќе не е само алатка, туку средина каде младите го поминуваат најголемиот дел од денот. Но, со тоа доаѓаат и сериозни предизвици“, изјави Бојковска. Според неа, прекумерната изложеност на дигитални содржини доведува до „намалена концентрација, нарушени навики за учење и зависност од постојана онлајн интеракција“, што бара системски пристап од институциите. Особено загрижувачки, како што нагласи, е порастот на сајбер-насилството и говорот на омраза. „Младите се сè почесто изложени на негативни коментари, притисоци и јавно понижување, што може да доведе до анксиозност, депресија и повлекување од социјалниот живот“, посочи таа. Бојковска отвори и прашања за заштитата на приватноста, нагласувајќи дека младите „не се доволно свесни за ризиците од споделување лични информации“, што ги прави ранливи на злоупотреби и манипулации, вклучително и преку нови технологии како вештачката интелигенција. Во своето обраќање, таа направи и осврт на европските практики, посочувајќи дека во земјите од Европската унија ова прашање веќе се третира како приоритет. „Постои јасен тренд кон построги правила за заштита на малолетниците, засилена верификација на возраста и поголема одговорност на технолошките платформи“, истакна Бојковска. Јавната расправа ќе се одржи со почеток во 11 часот и ќе биде организирана во рамки на иницијативата „Европска недела на младите 2026“, во соработка со Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. „Ги повикуваме сите засегнати страни – институции, граѓански организации, експерти и родители – заеднички да дојдеме до решенија“, рече Бојковска, додавајќи дека „ова не е партиско прашање, туку прашање на јавен интерес и одговорност кон идните генерации“. Целта на дебатата е да се иницира поширока дискусија и да се креираат конкретни предлози за справување со предизвиците што ги носи дигиталното време за младите.
Go to News Site