Kajgana
Отворена истрага за Booking.com во Италија Александра Спасеска 22.04.2026 / 18:28 Бизнис Италијанскиот регулатор соопшти дека започнал истрага за да утврди дали дигиталната платформа Booking.com ги заведувала потрошувачите со рангирање и промовирање на домаќини со цел да обезбеди повисоки провизии. Истрагата се фокусира на „Програмата за пиоритетни партнери“ и „Програмата за приоритетни партнери плус“, кои им се нудат на домаќините во рамките на платформата на Booking. Се чини дека Booking.com им обезбедува на домаќините во овие програми поголема видливост во резултатите од пребарувањето во рамките на платформата, истакнувајќи ги графички и нагласувајќи го квалитетот на услугата и „вредноста за парите“, според регулаторот AGCM. Сепак, според регулаторот, изборот на домаќини за Програмата за приоритетни партнери во голема мера се базира на критериуми што ги фаворизираат домаќините со повисоки провизии на Booking.com, а не на квалитетот на нивната понуда. Претставувањето на ваквите домаќини, со поддршка на Booking.com, може да ги заведе потрошувачите и да ги наведе да заклучат дека нивните објекти нудат подобра вкупна вредност за парите од домаќините што не се вклучени во програмата, објаснуваат регулаторите. Во некои случаи, потрошувачите може затоа да резервираат сместување кое е во просек поскапо, предупредува AGCM, додавајќи дека неговите службеници ги пребарале просториите на Booking.com во Италија во вторник заедно со финансиската полиција. Здружението на потрошувачи Codacons изрази задоволство од истрагата. „Луѓето кои користат платформи за резервација на хотели, како што е Booking.com, имаат право на максимална транспарентност, бидејќи резултатите и информациите на овие страници може да влијаат на финансиските одлуки на потрошувачите“, соопшти здружението. „Нагласувањето на квалитетот, цената и услугата за корисници, без објективни критериуми, само заради поголема провизија, е измама што може да предизвика финансиска штета и да ги наведе корисниците да трошат повеќе, убедени дека ја избираат најприфатливата опција“, предупредија тие. Ситуацијата е уште посериозна кога ќе се земе предвид дека 70 проценти од хотелските резервации во Италија сега се прават преку специјализирани веб-страници, а 42 проценти од дигиталните резервации се прават на Booking.com, нагласува Codacons. Booking Италија Автор/Извор А.С. Прикажи во метро On
Go to News Site