Kajgana
Како еден Турчин неприметно стана мозок на играта: Јас сум на ниво на Модриќ и Педри Филип Здравески 23.04.2026 / 15:42 Фудбал Тивкиот реџиста го води ритамот, освојува трофеи и признанија, но јавната возбуда сè уште заостанува. Дали Фабрегас е всушност во право? Во ерата кога средниот ред често се мери според бројот на асистенции, т.н. прогресивни додавања или преку вирални хајлајтси, случајот со Хакан Чалханолу е донекаде парадоксален. Тој е играч кој ја редефинираше својата позиција во последните три сезони, станувајќи клучен играч во структурата на Интер и освојувајќи индивидуални награди во тој процес - а сепак ретко се споменува во ист здив со елитата. Затоа, прашањето што се појави е сосем легитимно: дали Турчинот е всушност еден од најпотценетите играчи од средниот ред во светот? Најновиот доказ за перцепцијата одвнатре доаѓа по полуфиналето на Копа Италија, каде што Интер го елиминираше Комо во драматичен пресврт. Клучната состојка беше Петар Сучиќ со две асистенции и еден гол, но токму Чалханолу беше централната фигура - два гола за да се вратат и да продолжат понатаму, со финесата под површината што го легитимира. Но, можеби поважно е она што тренерот на Комо, Сеск Фабрегас, го кажа по мечот. Неговите зборови звучат како почит кон елитниот плејмејкер: „Нема многу играчи како него, а сите тренери, вклучително и мене, секогаш ги започнуваат своите подготовки за Интер со прашањето - како да се запре Чалханолу?“ И тоа е навистина ниво на почит што не се рефлектира во јавните рангирања, јавната резонанца или признанието во медиумите, но секако постои меѓу тренерите. Тоа е, како што напиша еден италијански новинар, досие, кое го нарече: „Еволуција што поминала под радарот“... Чалханолу ја започна својата кариера како класична 10-ка, специјалист за прекини и шутеви од далечина. Но, неговата вистинска трансформација се случи токму во Интер - неговото спуштање во улогата на длабок плејмејкер, еден вид реџиста, улога дефинирана во фудбалската киннематографија на Чизмата. Во оваа улога, тој стана она што модерниот фудбал го бара најмногу: диригент на темпото, прв организатор на нападот и во исто време играч способен да учествува во одбранбената фаза. Неговата вредност не е само во бројките, туку и во контролата на играта - способноста да го забрза или смири ритамот, во зависност од контекстот. Тука, сепак, доаѓаме до важна историска паралела. Всушност, Андреа Пирло доживеа слична трансформација, но во спротивна насока од неговиот кариерен тек. По епизодата во Милан, неговиот конечен идентитет беше формиран дури во Јувентус, каде што пристигна бесплатно, на залезот, како што се сметаше, а потоа беше повлечен подлабоко во средниот ред, каде што на крајот се претвори во реџиста. Оваа италијанска улога - нешто помеѓу последен играч од средниот ред и плејмејкер - не е само позиција, туку филозофија на играта. Од таа зона, Пирло го контролираше темпото, го диктираше ритамот и стана еден од највлијателните играчи од средниот ред на својата генерација. Можеби и Чалханолу треба да се гледа низ оваа призма. Неговата трансформација не е идентична, туку концептуално многу слична: од играч кој бара завршница до играч кој создава контекст за целиот тим. Епа тогаш, зошто е потценет? Постојат неколку причини зошто перцепцијата заостанува зад вистинската вредност: прво, недостатокот на еден вид „романтична“ нарација, бидејќи неговиот пат не е покриен со митологизирање; второ, многумина сè уште го перцепираат како стара верзија, играч од старата школа; трето, системот на Интер повеќе го нагласува колективот отколку индивидуалецот; четврто, неговата игра е функционална, а не спектакуларна, затоа му недостасува малку естетика... „Јас сум потценет“, ќе го каже тоа самиот. „И верувам дека припаѓам на редовите на играчи како што се Педри, Лука Модриќ или Кевин Де Брујне...“ Реално, овој 32-годишник долго време е меѓу елитните играчи од средниот ред. Уште од Хамбургер, каде што како тинејџер покажа огромен талент (13 голови и асистенции што го водеа тимот на патот кон опстанок), преку Баер од Леверкузен со постојаност, но без експлозија, потоа Милан, со десетката на грб, со ореолот на еден од најдобрите плејмејкери во Серија А, па до Интер, каде што, речиси симболично, позајми дваесетка на грб, за да испадне двојно подобар од што беше во Милан. Во изминатите 212 натпревари (50 голови, 39 асистенции) за црно-синиот дел од градот, тој всушност докажа сè. Доаѓањето кај Симоне Инѕаги всушност беше - полн погодок. Ако критериумите ги базираме на јавната возбуда, одговорот е јасен - Хакан Чалханолу е потценет. Но, ако погледнеме како луѓето во играта го гледаат - тренери како Симоне Инѕаги или Сеск Фабрегас, или, можеби, преку паралела со еволуцијата на Андреа Пирло - тогаш зборуваме за играч чија вредност е кристално јасна. Во ова несовпаѓање лежи суштината на приказната: како што некогаш правеше Пирло, само со помал ефект во јавноста, Чалханолу се редефинираше преку улогата на реџиста. Разликата е (само) што Пирло стана мит - а Чалханолу сè уште чека да почнеме да го гледаме како таков... Remote video URL Хакан Чалханолу Автор/Извор Ф.З. Прикажи во метро On
Go to News Site