Kajgana
Чешката ČEZ потпиша договор со Rolls-Royce SMR за првиот мал нуклеарен реактор Александра Спасеска 24.04.2026 / 15:34 Бизнис Чешката енергетска компанија ČEZ во петокот потпиша договор со британската компанија Rolls-Royce SMR за подготвителни работи за изградба на првиот мал модуларен нуклеарен реактор во Чешка. Извршниот директор на ČEZ, Даниел Бенеш, изјави дека договорот вклучува изработка на план на проектот и документација за лиценцирање потребна за издавање градежни дозволи за реакторот. Според него, компанијата се надева дека ќе ги собере сите потребни дозволи до 2030 година. Малиот нуклеарен реактор ќе биде изграден во рамките на постојната нуклеарна централа Темелин. Во Велика Британија, на 13 април, државната агенција Great Britain Energy – Nuclear потпиша договор со Rolls-Royce SMR за започнување со дизајнирање на првите мали нуклеарни реактори во таа земја. Бенеш изјави дека чешкиот мал нуклеарен реактор ќе биде вториот што ќе го изгради британската компанија, откако ќе биде завршен првиот во Обединетото Кралство. ČEZ има 20 проценти удел во Rolls-Royce SMR, а двете компании претходно потпишаа договор за стратешко партнерство што се очекува да резултира со инсталирање на капацитет за производство на електрична енергија до три гигавати во Чешка. Чешката држава држи речиси 70 проценти од капиталот во ČEZ, а владата презема чекори за целосна контрола врз компанијата. Малите модуларни реактори се вид на нуклеарен реактор што произведува помала количина електрична енергија од традиционалните големи реактори. Нивните поддржувачи тврдат дека овие реактори можат да се изградат побрзо и по пониска цена од големите нуклеарни централи и дека можат да се прилагодат на потребите на одредена локација. нуклеарен реактор Автор/Извор А.С. Прикажи во метро On
Go to News Site