Kajgana
Еко свест: Граѓански организации предупредуваат на зависноста од гас во Западен Балкан Александра Спасеска 27.04.2026 / 11:55 Регион 47 граѓански организации денеска ги повикаа владите на земјите од Западен Балкан да се спротивстават на притисоците од Соединетите Американски Држави и да ги откажат плановите за изградба на нови гасоводи и гасни електрани. Во заедничка изјава, организациите предупредуваат дека, наместо само да го заменат рускиот гас, овие планови значително би ја зголемиле потрошувачката на гас во регионот и зависноста од увоз на фосилни горива, соопшти граѓанската организација „Еко-свест“. „Веќе неколку години, Соединетите Американски Држави промовираат проекти како интерконекторот меѓу Грција и Северна Македонија, терминали за течен природен гас (LNG) во Црна Гора и Албанија, како и јужната гасна интерконекција меѓу Хрватска и Босна и Херцеговина. На овонеделниот 3SI Самит во Дубровник се планира меѓувладин договор за последниот проект, додека планираниот договор меѓу САД и Црна Гора веќе наиде на силен отпор од граѓанското општество и жителите кои живеат во близина на планираниот LNG терминал во Бар. Во споредба со Европската Унија, земјите од Западен Балкан имаат ниска или никаква зависност од гас. И покрај намалувањето на потрошувачката, во 2024 година гасот сочинуваше над 20% од достапната енергија во ЕУ. Но, во Западен Балкан, најзависни од гас беа Србија (14%) и Северна Македонија (12%). Во Босна и Херцеговина гасот учествува со помалку од 3%, додека Албанија, Црна Гора и Косово не се поврзани со меѓународна гасна инфраструктура“, стои во соопштението на организацијата. „Еко-свест“ сметаат дека, наместо ова да се гледа како предност што треба да се искористи, повеќето влади во Западен Балкан активно планираат гасоводи, електрани и LNG терминали кои заедно би можеле тројно да ја зголемат потрошувачката на гас во споредба со 2023 година. Според заедничката изјава, тие или ќе ги заглават земјите во скапа зависност од увоз, или ќе завршат како нефункционални (stranded) инвестиции. „Планирањето на нови гасни електрани во Македонија отвора сериозни прашања за нивната економска оправданост и влијанието врз климатските цели. Нашата најнова анализа за проценка на емисиите од гасната инфраструктува во земјата покажува дека сегашните планови се преамбициозни, а изградбата на две комбинирани гасни постројки во земјава би била финансиски неодржлива, особено во услови на регионална конкуренција и зголемени CO₂ емисии. државата треба внимателно да избере помеѓу продолжување на зависноста од фосилни горива или забрзана транзиција кон обновливи извори и одржлив енергетски систем, кој може сигурно да функционира и без нови гасни електрани“, вели Ана Чоловиќ Лешоска од „Еко-свест“. „Среде уште една криза со фосилни горива, неверојатно е што владите сè уште планираат нови гасоводи и гасни електрани. Тие би чинеле милијарди, дури и пред да се вклучат трошоците за самиот гас, и најверојатно би завршиле како нефункционални инвестиции или би биле силно субвенционирани од даночните обврзници. Планирањето и изградбата лесно може да потраат една деценија – предоцна за да го заменат рускиот гас – а регионот нема ни пари ни време за вакви скапи грешки“, нагласува Пипа Галоп од Bankwatch Network. Организациите ги повикуваат владите во регионот да се фокусираат на соодветно лоцирано производство на електрична енергија од сонце и ветер – поддржано од постојните хидроцентрали и силни електроенергетски мрежи – како и на топлински пумпи, геотермална енергија и искористување на отпадна топлина за греење и ладење. Тие исто така повикуваат на поголеми напори за енергетска ефикасност и електрификација на секторите за греење и транспорт. Автор/Извор А.С. Прикажи во метро On
Go to News Site