Kajgana
Универзална сала ќе биде обновена до крајот на идната година Александра Спасеска 27.04.2026 / 14:26 Македонија Реконструкцијата на Универзалната сала во Скопје треба да заврши до крајот на 2027 година, а нејзиното свечено отворање се планира на почетокот на 2028 година во рамки на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“. Министерот за култура, Зоран Љутков, изјави дека проектот ќе чини околу 20 милиони евра, средства обезбедени од Владата преку Министерството за култура, кое во моментов е инвеститор на проектот. „Универзалната сала ќе биде завршена до крајот на 2027 година. Ќе биде дел од ‘Скопје – Европска престолнина на културата во 2028 година’“, рече Љутков, потсетувајќи дека претходно имало правни и институционални пречки околу надлежностите за објектот. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува реконструкцијата да биде завршена во предвидениот рок. „Според она што го видов и што го презентираше проектантот ќе биде навистина прекрасно дело. Па ајде да не зборуваме што се вели пред време, да го завршиме и потоа сите заедно да се радуваме и уживаме во културните настани коишто тука ќе се организираат“, рече Мицкоски. Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, изрази благодарност до Владата и Министерството за култура за започнувањето на проектот, оценувајќи дека со обновата „се враќа душата на Скопје“. Тој посочи дека Универзалната сала е симбол на постземјотресно Скопје и објект што има посебно емоционално значење за скопјани. Според најавите, по завршувањето на реконструкцијата, објектот ќе биде предаден на управување на Град Скопје. Универзална сала Автор/Извор МАКФАКС Прикажи во метро Off
Go to News Site