Kajgana
Тошковски: Сите функционери треба да имаат само македонско државјанство, но има формално- правен проблем за веднаш да се примени Александра Спасеска 28.04.2026 / 13:15 Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, вели дека има само едно државјанство и тоа е македонско. Негов личен став е дека само македонско државјанство треба да имаат сите избрани или именувани лица, но остава експертите да дадат одговор на овие прашања. „Конкретно јас имам само македонско државјанство и лично мој став е дека треба, посебно оној што работи на ваков тип позиции кои се безбедносен предизвик како што е мојата, сметам дека треба да биде државјанин само на Македонија“, рече министерот Тошковски денес по промоцијата на протоколот за постапување со лица без државјанство. Тошковски ќе чека експертите да дадат мислење и околу тоа дали законските измени треба да важат и за актуелните функционери, но, како правник, смета дека тоа е проблематично од формално-правен аспект. „Да оставиме да дадат одговор оние што е нивна работа да дадат одговор. Јас сум правник, но не би сакал да навлегувам во тој дел да не прејудицирам каков било одговор. Лично јас не гледам проблем од аспект на тоа дека не сметам дека би требало да претставува морален проблем да важи за постојните, но во однос на формално-правен аспект навистина не сум убеден дека може да се примени ретроактивно каква била реевалуација која што би требало да важи од денес за пред две години. Формално-правно ќе е проблем, но пак оставам експертите да си го кажат своето мислење“, рече министерот Тошковски. Тој е согласен да се прошири работата на Агенцијата за национална безбедност и да се прават дополнителни проверки за избраните и именуваните лица за поголема безбедност. „Моменталното законско решение што го имаме во врска со безбедносните проверки дава резултати од аспект на тоа дали одредено лице има одредена безбедносна проверка или нема одредена безбедносна проверка за вршење одредени функции кои што се особено чувствителни и се утврдени согласно Закон. Не гледам зошто во иднина да не го прошириме дијапазонот на потребни проверки кои би требало да се извршат од страна на Агенцијата за национална безбедност во однос на одреедни позиции од типот на пратеник, министер, не само за внатрешни туку и за други институции“, вели министерот Тошковски. Законски да се забрани министрите да имаат двојно државјанство и измените да важат и за актуелниот состав побара СДСМ откога Владата предложи забрана за двојно државјанство за пратениците. Автор/Извор МАКФАКС Прикажи во метро Off
Go to News Site