Collector
Годишните изврштаи на АВМУ, АЕК, МРТ поддржани од матичната собраниска комисија | Collector
Годишните изврштаи на АВМУ, АЕК, МРТ поддржани од матичната собраниска комисија
Kurir

Годишните изврштаи на АВМУ, АЕК, МРТ поддржани од матичната собраниска комисија

Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање на денешната 58-та седница ги разгледа годишните извештаи за работа на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, на Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радио-телевизија, на агенциите за електронски комуникации, за регулирање на железничкиот сектор и на Агенцијата за пошти. Директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги Зоран Трајчевски го презентираше годишниот извештај и рече дека Агенцијата лани ги започнала двете процедури за законски измени, започнување на процесот на дигитално радио и започнување на подготвителни активности за формирање на фонд за поддршка на медиумскиот плурализам. Во однос на мониторингот на медиумското покривање на ланските избори, Трајчевски нагласи дека медиумите во најголем дел ги почитувале одредбите од изборниот законик. Лани, за првпат биле мониторирани и електронските медиуми, бил изработен регистар на медиуми. Агенцијата како што информираше Трајчевски изрекла 50 мерки од кои 40 – јавна опомена, 32 кон радиодифузерите, осум кон операторите на јавни електронски комуникациски мрежи, четири прекршочни постапки, една одлука за одземање на дозволата и пет решенија за бришење од регистарот на радиодифузерите. Агенцијата изработила три студии, доделила дозволи на три локални радија и четири анализи. - Во пресметковната 2025 година, Агенцијата оствари вкупни приходи од 141 милиони, 336 илјади денари, а расходите биле 146 милиони, 963.368 денари, негативен резултат што се должи на месец декември кога од Министерството за дигитална трансформација беа префрлени помалку пет милиони денари-рече Трајчевски. Претседателот на програмскиот совет на Јавното радиодифузно претпријатие МРТВ, Давор Пашовски презентирајќи го извештајот, кажа дека МРТВ произведувала програма, го штитела јавниот интерес, ја промовирала домашната продукција, емитувала програма на различни јазици, обезбедила објективно и веродостојно информирање, едуцирала, го поддржува демократскиот развој. - Во јуни 2025 година, по 2014  првпат беше избран нов состав на програмскиот совет на МРТВ, со тоа што беше направен важен исчекор кон зајакнување на институционалната функционалност и управувањето, транспарентноста и независноста на јавниот сервис-рече Пашовски. Тој нагласи дека јавниот сервис обезбедува разновидна содржина, реткост и за Европа, програмски сервиси на различни јазици со што автентично се отсликува мултиетничкиот карактер, повеќе телевизиски и радио-програмски сервиси во чии рамки се застапени информативни, културни, образовни, спортски, детски, содржини како и сервиси наменети за дијаспората. И за време на изборите немало забелешки од АВМУ, МРТВ ги исполнила стандардите. - Важно е да се спомене дека годината се заврши со негативен финансиски резултат во значителна мера. Тоа е последица на ребалансот на буџетот на државата со кој средствата на МРТВ беа намалени за 80 милиони денари во последниот квартал на годината што директно влијаеше врз конечниот финансиски резултат. И покрај ова 2025 година одбележуваме како институционално значајно во однос на зајакнувањето и континуитетот во работењето.Остануваат и предизвиците поврзани со модернизација, кадровско зајакнување, финансиска предвидливост и институционална автономија како и дигиталната трансформација-рече Пашовски кој очекува подобри резултати. Претставникот на Aгенцијата за електронски комуникации, Орце Симов, кој го презентираше извештајот за работата на агенцијата рече дека во извештајот детално се образложени сите активности, преглед на пазарот, електронски комуникации процентот на застапеност на фиксни линии, мобилни, бројот на извршени разговори во минути, трансфериран сообраќај во гигабајти … - Во август 2025 започнавме со анализа на легислативата помеѓу нас и тоа што е потребно за да немаме роаминг со европските земји, со ЕУ исто како што е случајот со Западен Балкан и работиме на тоа кога нашите граѓани ќе патуваат во Европа да не се плаќа роаминг и да разговараат исто како да се наоѓаат во Македонија-рече Симов. АЕК работела на надминување на заостанатите работи на телекомуникациската кула на Водно  и ќе ја спроведе постапката за добивање на употребна дозвола. - Во 2025 година беше распишан тендер за трет мобилен оператор во Македонија со што очекуваме дека квалитетот на услугите и за граѓаните и за стопанството ќе се зголеми, а ќе се намалат трошоците коишто тие ги плаќаат за електронски комуникациски услуги. Тој тендер успешно беше завршен и компанијата која го доби правото за третиот мобилен оператор, веќе ги уплати потребните средства за надоместоци на фреквенции на сметката на Владата и дел на Агенцијата за електронски комуникации-рече Симов. Владата доставила мислења за материјалот на работата на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор за 2025-та. Претставникот на Агенцијата, Нена Трајановска го презентираше и програмскиот и финансискиот дел. Таа нагласи дека биле решени две жалби, била одземена една дозвола на правно лице, Агенцијата го контролирала квалитетот на работата, а годинава се очекува уште една анкета за квалитетот. - Во однос на финансискиот дел, Агенцијата исклучиво се финансира од таксата од страна на транспортната и од инфраструктурната компанија. Лани остварени се приходи од 15. 148.045 денари коишто се 90 проценти од планираниот приход.Тука недостигаат средствата коишто ги имавме планирано транспортната компанија коишто сè уште не ни се префрлени, меѓутоа во текот на годината ќе бидат. И во однос на расходниот дел имаме пониска реализација односно 40 проценти којашто се должи, јас би рекла на нереално поставената програма од претходно. Со доаѓањето на новиот директор којшто е до мене Крешимир Павиќ, веќе донесовме програма со пореални очекувања во согласност со нашите можности и очекуваме до крајот на годината оваа реализација да биде уште поголема. Средствата коишто се останати од самата програма којшто се во износ од околу 8 милиони и 400 се префрлаат за тековното функционирање-рече Трајановска. Извештај за работата на Агенцијата за пошти за 2025 година го презентираше директорката, Марина Тонеска, која рече дека Агенцијата за пошти го регулирала  пазарот на поштенските услуги, го следела и вршела надзор. Во годишниот извештај опфатени се финансиските извештаи за 2025-та, завршната сметка и ревизорскиот извештај. Лани, како што посочи Тоневска бил донесен нов правилник за начинот на определување на бројот на поени и на вредноста на поенот за пресметување на годишниот надоместок. Правилникот содржи нови одредби, кои одговараат на состојбите на пазарот и ќе се применуваат од јануари 2026-та. Лани имало 28 даватели на поштенски услуги вклучувајќи ја и Пошта Македонија, биле издадени осум општи овластувања за обезбедување услуги а седум компании ги изгубиле лиценците. - Споредбено во 18 години на постоењето на Агенцијата покажува дека започнувајќи од 2022 година сè помал е бројот на нови компании кои се во финансиска кондиција за инвестирање во дејноста-рече Тоневска. Таа кажа дека биле извршени вкупно 46 надзори, шест редовни 37 вонредни и три контролни надзори со посебен акцент на фирми кои вршат дејност без лиценци. Одземени се шест општи овластувања на давателите на поштенски услуги, на десет правни лица им биле изречени казни за обезбедување на поштенски услуги без општо овластување и издадени патни налози за правното и одговорното лице. Извештајот покажува дека имало 49 претставки до агенцијата, за губење, оштетување на пратки, пролонгирани рокови за достава на пратки … - Надворешниот независен ревизор дава позитивно мислење за финансиската состојба на Агенцијата за пошти заклучно со 31 декември 2025 година-рече Тоневска. Претседателот на комисијата Беким Ќоку информираше дека извештаите ќе бидат проследени до Собранието.  (МИА)

Go to News Site