Collector
Две награди за претставата „Џеки“ на Драмски театар Скопје на фестивалот на монодрамата во Битола | Collector
Две награди за претставата „Џеки“ на Драмски театар Скопје на фестивалот на  монодрамата во Битола
Kurir

Две награди за претставата „Џеки“ на Драмски театар Скопје на фестивалот на монодрамата во Битола

На синоќешното свечено затворање на 27. Интернационален фестивал на монодрама - Битола (2026) се доделија четири фестивалски награди од кои претставата „Џеки“ во продукција на Драмски театар Скопје доби две награди. Меѓународното жири во состав: Анџелина Роска од Молдавија, Каролајн Бернс Кук од Велика Британија, Кире Ѓоревски од Македонија, со едногласна одлука ги додели овогодишните награди на најистакнатите остварувања на фестивалот. - Наградата гран при на фестивалот ја доби претставата „Ноти“ од Романија во продукција на Театар „Тони Буландра“, во режија на Касандра Топологеану и актерот Андреа Танасе. - Наградата за најдобар актер ја доби актерот Јано Изорија од Грузија за претставата „Кваркваре“ во режија на Саба Асламазишвили на Театарот „Поти Валеријан Гунија“. - Наградата за најдобра режија ја доби режисерката Жива Бизовичар од Словенија за претставата „Џеки“ во продукција на Драмски театар Скопје и - Наградата од публиката на 27. Интернационален фестивал на монодрама – Битола (2026) ја доби претставата „Џеки“ во продукција на Драмски театар Скопје. Режисер на претставата е Жива Бизовичар од Словенија. Жирито во Одлуката за награда за најдобра режија доделена на режисерката Жива Бизовичар за претставата „Џеки“ на Драмски театар Скопје образложува: „Делото се издвојува по суптилна работа со актерот и способноста органски да се води изведувачот низ премините од една внатрешна состојба во друга, создавајќи континуиран и психолошки веродостоен тек на сценскиот живот. Посебно се истакнува вештината во градењето на темпото-ритамот на актерската игра: претставата ‘дише’, се развива и ја одржува напнатоста преку прецизно одмерени паузи, забрзувања и внатрешна динамика“. Во образложението на Одлуката за наградата од публиката се вели: „Претставата која се издвојува со прецизна и концептуално јасна сценска артикулација на драмски текст кој ја проблематизира позицијата на жената како медиумски и културен конструкт. Преку внимателно изграден сценски јазик и силно актерско присуство, се отвора сложен дијалог меѓу приватното и јавното при што личната траума се трансформира во колективен медиумски посредуван наратив. Изведбата уверливо ја гради тензијата помеѓу симболот и индивидуата, откривајќи го процесот на бришење на субјективноста зад наметнатите општествени и идеолошки проекции. Со суптилни, но прецизни изразни средства се нагласува драматуршката линија на внатрешен отпор и тивка деконструкција на наметнатите модели на женственост. Претставата остварува силна комуникација со публиката оставајќи впечаток преку својата актуелност, емоционална слоевитост и критичка рефлексија на современите општествени и медиумски механизми“- стои во образложението. Театарската фела и организаторите на Фестивалот упатуваат честитки до сите наградени и учесници на фестивалот што годинава под мотото „Огледало на вистината“ потврдија дека „Еден актер. Една сцена. Една вистина.“ се доволни да се создаде цел универзум од емоции, приказни и трансформации. Во чест на наградените, учесниците на фестивалот и битолската фестивалска публика во преполната сала на Центарот за култура во Битола вчеравечер се играше претставата „Гидионовиот јазол“ на Драмски театар Скопје во режија на Драгана Милошевски-Попова во која улогите ги играат актерите Биљана Драгиќевиќ-Пројковска и Ања Митиќ.

Go to News Site