Kurir
Главните земји од Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и ОПЕК+ се согласија да ги зголемат квотите за производство за јуни, но како што објавува Блумберг, тоа е скромно и симболично зголемување, наменето да испрати порака за вообичаено работење по ненадејното излегување на Обединетите Арапски Емирати од организацијата. Седум земји, вклучувајќи ги Саудиска Арабија и Русија, ќе го зголемат дневното производство за околу 188.000 барели почнувајќи од јуни, што беше договорено на видеоконференција на делегати од земјите-членки, објави ОПЕК. ОПЕК+, чии членови вклучуваат помали земји извознички и партнери на ОПЕК, ќе го продолжи процесот на враќање на производството што беше запрено неколку години пред почетокот на војната во Иран, се додава во соопштението. Во соопштението не се споменуваат ОАЕ или излегувањето на таа земја од ОПЕК. Блумберг наведува дека излегувањето на ОАЕ од ОПЕК ги изненадило земјите-членки и земјите-партнери, а дополнително ја оштетило способноста на картелот да влијае на цените на нафтата, кои веќе паѓале поради зголемувањето на бројот на конкурентски добавувачи, вклучувајќи ги и оние од Северна и Јужна Америка. Агенцијата проценува дека договореното зголемување на производството е симболичен потег бидејќи земјите-членки на Блискиот Исток нема да можат да го спроведат зголемувањето освен ако Ормуската Теснина не се отвори повторно и извозот од Персискиот Залив не продолжи. Иако излегувањето нема непосредно влијание врз снабдувањето со нафта, тоа ќе им овозможи на ОАЕ да го зголемат снабдувањето со темпо што им одговара кога водниот пат ќе се отвори повторно, бидејќи нема да бидат ограничени од квотите на ОПЕК. ОАЕ ги напуштија ОПЕК и ОПЕК+ на 1 мај. Медиумите оценија дека потегот на ОАЕ претставува тежок удар за членовите на ОПЕК и нивниот де факто лидер, Саудиска Арабија, во време кога војната меѓу САД и Израел против Иран предизвика историски енергетски шок и ја наруши глобалната економија. Земјите-членки на ОПЕК произведуваат повеќе од една третина од светското снабдување со нафта. Организацијата е основана во 1960 година, а нејзини земји-членки се Алжир, Република Конго, Екваторска Гвинеја, Габон, Либија, Нигерија, Ирак, Иран, Кувајт, Саудиска Арабија и Венецуела, а по 2016 година и остриот пад на цените на нафтата, ОПЕК потпиша договори со уште 10 земји производители на нафта: Русија, Азербејџан, Бахреин, Брунеи, Бразил, Казахстан, Малезија, Мексико, Оман, Јужен Судан и Судан, со што се создаде организацијата ОПЕК+. Целта на организацијата е да обезбеди стабилизација на пазарот и ефикасно, економично и редовно снабдување со гориво.
Go to News Site