Kurir
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Ереван оствари средба со претседателот на Република Еременија, Вахан Хачатурјан, на којашто обајцата изразија подготвеност за продлабочување на пријателските односи и унапредување на соработката. Ерменскиот претседател се заблагодари за посетата и учеството на Сиљановска-Давкова на 8.Самит на Европската политичка заедница. Тој истакна дека е голема чест, иако не се земја-членка на Европската Унија, да бидат домаќини на овој настан. Во денешната прва билатерална средба двајцата претседатели препознаваат почеток на ново поглавје во меѓусебните односи и можности за конкретна соработка. Сиљановска-Давкова се заблагодари за гостопримството и организацијата на Самитот, оценувајќи дека Европската политичка заедница постепено се афирмира како значајна платформа за европско единство, дијалог и координација во соочувањето со заедничките предизвици. Претседателите се согласија дека визните олеснувања и директните авионски врски би придонеле за унапредување на економската соработка и трговската размена во иднина, коишто се на ниско ниво. Областите во коишто препознаваат можности за отпочнување на соработка се: информатичките технологии и дигиталните услуги, земјоделството, прехранбената и фармацевтската индустрија, туризмот, како и секторите базирани на иновации и знаење. Тие укажаа на потребата од склучување билатерални договори и поттикнување на директни контакти меѓу бизнис-заедниците, преку организирање бизнис-форуми. За Сиљановска-Давкова, за зближување на двата народа особено се важни: културната дипломатија, образовната и академска соработка, како и студентската размена преку програмата Еразмус плус, во којашто обете држави учествуваат. Таа ја истакна улогата на ерменската заедница во земјава, којашто е малубројна, но угледна и почитувана. Претседателката го поддржа продлабочувањето на соработката на Ерменија со Европската Унија, напорите за усогласување со европските политики и стандарди, како и посветеноста на реформите, особено на владеење на правото. Хачатурјан посака успех на македонскиот пат кон ЕУ. Двајцата претседатели упатија меѓусебни покани за официјални државни посети во иднина.
Go to News Site