Kurir
Гоце Делчев го облагороди македонското националноослободително движење. Оттаму и произлегува неговата харизма. Неговото дело е кристално чисто, неодминливо дело, целосно посветено на напатениот македонски народ и на општочовечкиот “културен натпревар на народите“. Затоа, тој, Гоце Делчев, е Прв Апостол на Револуцијата. Еден наш учен, хроничар на македонскиот револуционерен процес, има кажано дека ретките исклучителни личности се достоинство на човештвото. А токму таква личност е нашиот Гоце Делчев, кој ја просветли Македонија. Има такви кои ќе прашаат дали и/или како Гоце го постигна тоа? Одговорот е со неговото активно присуство и учество на македонската историска и револуционерна сцена во виорниот период помеѓу 1894 и 1903 година, со што го облагороди македонското националноослободително движење. А оттаму и произлегува неговата харизма. И затоа, тој, Гоце Делчев, е Прв Апостол на Револуцијата. Ајде сега да видеме со што го заслужи овој статус Гоце Делчев, и како израсна во таков авторитет? Како прво, последната најплодна деценија од својот живот комплетно ја подари на Македонската Револуционерна организација, на македонската бескомпромисна борба за национална и социјална слобода, и на македонскиот народ. Тој беше идеологот и стратегот на ВМРО. Понатаму, се покажа како вистински визионер кој го виде светот како најшироко поле за културен натпревар на народите. За него, за неговиот животен пат и за неговото револуционерно дело најдобро зборуваат мислите што тој ги изрече во комуникацијата со македонскиот народ, неговите заложби за ослободување на Македонија, како и неговата организациона работа на теренот низ цела Македонија. И секако, тој беше голем борец за македонската кауза кој во својата револуционерна дејност јасно ја определуваше суштината на македонското национално-ослободително дело. Во тој контекст Гоце Делчев изјавуваше: “Македонското дело, тоа е опширно дело на најголеми потреби“. Во оваа смисла тој е сигурен, категоричен и енергичен во својот став, поставувајќи круцијални прашања: “Дали може да има друго место за еден Македонец освен Македонија? Дали има народ понесреќен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа, отколку во Македонија?“ (Гоце на Даме Груев, 1894г.) . Нему не му беше тешко да го насочи делото за национално и социјално ослободување на македонскиот народ. За таа цел тој ја поттикнуваше системската агитација за револуција, трпеливо подготвувајќи ги народните маси за таа висока цел. На тој план се покажа како ненадминат агитатор и неуморен народен организатор. Вистински факелоносец на Делото, Симбол на Организацијата и Икона на Револуцијата. Инаку, неговата концепција за македонската револуција беше кристално јасна: ‘’Ослободувањето на Македонија лежи во внатрешното востание. Кој мисли поинаку да се ослободи Македонија, тој се лажи себеси и другите’’ (Гоце до Каранов. 1895г.). Со оваа мисла тој на преден план го става фактот дека успехот на ослободителното дело зависи пред се од неговото основно јадро – народната маса која е движечка сила на историјата и на револуцијата. Затоа и инсистира “Треба тој народ да се разбуди од тој петвековен сон, кој го направи Македонецот доста дебел во свеста на човечки правдини“. Со овој концепт тој ја изразуваше идејата за револуционерно организирање на онеправданите народни маси. На тој фундамент ја даваше надградбата изразена како ‘’Македонија има свои интереси и своја политика. Таа им припаѓа на сите Македонци. Кој копнее, кој работи да ја присоедини кон Бугарија или Грција, тој може да се мисли за добар Бугарин или Грк, но не и добар Македонец’’. Ваквата своја категоричност тој ја вгради и во Уставот на ТМОРО, што го изработија во 1896г заедно со Ѓорче Петров. На преден план секогаш му беа Македонија и напатениот народ во неа, па се трудеше на секој начин да ги заштити од нечесни политики и злонамерни пропаганди. Во таа насока најчесто, во разговорите и преписките со Даме Груев, изјавуваше ‘’Ние не можеме да правиме политика, ниту да им дозволиме на други да прават политика со Македонија... Кога да се прави востание, ќе реши народот... Крвта на народот е скапа и не сакаме да ослободуваме трупови, туку жив народ’’. Беше врвен организатор на револуционерната организација и извонреден мобилизатор на широките народни маси. Членовите на организацијата ги поучуваше дека ‘’Моралната револуција – револуцијата во умот, срцето и душата на еден ропски народ, е најголемата задача’’ (Гоце пред членовите на организацијата, 1901г.) . На соработниците им порачуваше ‘’Со молчење и бездејност од никаде ништо не излегува’’ (Гоце до И.М. Белешков, 1902г.) , а македонското население го мотивираше прашувајќи го “До кога ќе го трпиме ова срамно ропство?“ (Гоце пред штипјани, 1896г.), или повикувајќи го во борба за слобода ‘’За да се здобиеме со слобода – треба да се бориме! Штом вие ќе го чуете гласот за востание, нема друго што да правите, освен да ги грабнете пушките и да се соединете со четите’’ (од агитација пред населението во Македонија, 1903г.). Инаку, Делчев воодушевуваше и кога зборуваше за својата идеолошка определба, велејќи дека по душа е анархист, по убедување социјалдемократ, а по дела револуционер. Сам си го исцрта идеолошкиот и револуционерен лик. Но, величината на неговата идеолошка платформа излегуваше од тесните рамки на обично национално и револуционерно дело. Тој беше голем слободољубив патриот, светски космополит и интернационалист. Тоа го покажа со неговата епохална изјава за неговото разбирање на светот како поле на културно натпреварување на народите. Во овој став содржана е и неговата визија за светот на слободни народи, проткаена со блескотен длабок хуманизам и возвишеност. Сето ова го потврди и кога даваше изјава за дописниците на странските весници изјавувајќи ‘’Јас сакам револуција, со граѓани кадарни да ги поднесат сите искушенија на една долготрајна борба, каква што поради жестоките политички услови ќе биде нашата’’ (Гоце до Н. Зографов, 1897г.); , и ‘’Не слушајте ни ги зборовите, туку гледајте ни ги делата’’ (Гоце на дописникот на ‘’Тајмс’’) . Моќни, поттикнувачки и мобилизаторски се и следните негови мисли: ‘’Кој знае дали има народ, што трпел толку многу од своите синови изроди, како македонскиот...’’, ‘’Кураж и силна вера во себеси – тоа е силата што ги дава сите успеси’’, ‘’Ако за луѓето времето е злато, за нас е бесценето’’ (Писма до Н. Малешевски од 1897г. до 1900г.). Сите овие непобитни факти ни ја потврдуваат виталноста на севкупното дело на Гоце Делчев, кое пак ни го покажува евидентниот континуитет на револуционерните пулсации на македонскиот народ. Неговиот оптимистички , визионерски поглед е трајно насочен, свртен далеку во иднината, претскажувајќи “Ќе удре утринската зора и за нас...“, толку очекуваната зора на слободата. А неговото дело е кристално чисто, неодминливо дело, целосно посветено на напатениот македонски народ и на општочовечкиот “културен натпревар на народите“. (продолжува) Сотир Костов П.С. Рубине Земон, немој да забушаваш на час. Читај, учи и фаќај ука. Наскоро те викам на кафе и ќе те преслушувам дали нешто си научил.
Go to News Site