Kurir
Американскиот претседател, Доналд Трамп, повторно го активира конфликтот со папата Лав XIV, обвинувајќи го за „загрозување на голем број католици“. Трамп го нападна папата за време на интервју во кое зборуваше за затворениот бизнисмен од Хонг Конг Џими Лаи, за што планира да разговара со кинескиот претседател Шји Џинпинг подоцна овој месец, објавува Индепендент. На забелешката на водителот дека е добро и папата Лав XIV да го покрене прашањето за притворањето на Лаи, Трамп брзо го префрли разговорот на напад врз поглаварот на Римокатоличката црква. „Па, папата претпочита да зборува за тоа дека е во ред Иран да има нуклеарно оружје. Не мислам дека тоа е многу добро“, рече Трамп. Американскиот претседател истакна дека мисли дека со тоа папата загрозува голем број католици и многу луѓе. „Но, претпоставувам дека зависи од папата. Тој мисли дека е сосема во ред Иран да има нуклеарно оружје“, рече тој. Трамп во последните недели постојано јавно се конфронтираше со папата Лав XIV, роден во САД, при што нивните ставови се спротивставуваа по голем број прашања, од војна до имиграција. Минатиот месец, папата ја критикуваше заканата на Трамп за исчезнување на целата цивилизација во Иран, нарекувајќи ја изјавата неприфатлива. Папата, исто така, посочи дека заблудата за семоќност ја поттикнува војната во Иран и другите конфликти, што е прикриена критика кон американскиот претседател. Како одговор на овие критики, Трамп го нарече папата слаб во однос на криминалот и ужасен во однос на надворешната политика, додавајќи дека го претпочита братот на папата Луј, за кого тврди дека е целосен поддржувач на неговиот слоган „Да ја направиме Америка повторно голема“. Американскиот претседател потоа објави и слика од себе како Исус како ги лекува болните, што предизвика широки критики од неговите поддржувачи. Папата, од друга страна, рече дека „нема страв од администрацијата на Трамп“ и нагласи дека не сака да влегува во дебата со американскиот претседател. Меѓутоа, според весникот, најновиот напад на Трамп врз папата Лав XIV доаѓа во чувствително време, бидејќи државниот секретар Марко Рубио треба во четврток да се сретне со папата во Италија. Портпарол на Стејт департментот изјави за „Ју-Ес-Еј Тудеј“ дека Рубио ќе го посети Рим од 6 до 8 мај, со цел подобрување на „билатералните односи со Италија и Ватикан“. Се очекува Рубио и папата да разговараат за ситуацијата на Блискиот Исток, но според „Ју-Ес-Еј Тудеј“, на дневен ред е и Куба. (МИА)
Go to News Site