Kurir
Првата судска пресуда поврзана со пожарот во дискотеката Пулс во Кочани донесе условни затворски казни за тројца полицајци осудени за злоупотреба на службената положба. Судот утврди дека контролите биле спроведени само формално, без суштинско исполнување на законските обврски, што, според судијката, создало привид на правна заштита и овозможило злоупотреби. Основниот кривичен суд во Скопје на полицајците Кире Богатинов и Горан Лазаров им изрече условна казна затвор во траење од една година, додека командирот на ПС Кочани, Александар Темелков, доби условна казна од две години затвор. Казните нема да се извршат доколку обвинетите во наредните четири години не сторат ново кривично дело. На јавното објавување на првостепената пресуда во Кривичниот суд не присуствуваше ниту еден од обвинетите. Судот: Формално постапување без суштина е неизвршување на должност Судијката Лидија Петровска, образложувајќи ја пресудата, истакна дека Судот ги ценел како олеснителни околности фактот што обвинетите досега не биле осудувани, дека се семејни луѓе и дека нивните дејствија не резултирале со непосредни штетни последици кои би можеле директно да се доведат во причинско-последична врска со пожарот . „Обвинетите своите службени должности ги извршиле само привидно. Формата била запазена, но суштината изостанала. Формалното постапување што не води кон резултат не претставува извршување на должноста, туку нејзино неизвршување“, изјави Петровска. Одбраната бараше ослободување, обвинителството осудителна пресуда Кире Богатинов и Горан Лазаров, согласно анекс-плановите од 5 октомври и 24 ноември 2023 година биле задолжени за контроли во угостителски објекти , Судот утврдил дека тие постапиле спротивно на јасно пропишани обврски. Иако констатирале прекршок, тие не утврдиле кое правно лице ја врши дејноста, ниту кое е одговорното лице, бидејќи не извршиле увид во релевантна документација. Наместо тоа, во записниците внеле податоци што не произлегуваат од официјални документи, повикувајќи се на „општо познат факт“ за сопственоста на дискотеката. Со ваквиот пристап, постапката била насочена кон правен субјект кој во тој момент бил неактивен и не ја вршел дејноста. Против пресудата е дозволена жалба до Апелациониот суд во Скопје. Во пожарот во дискотеката „Пулс“, којшто се случи на 16 март 2025 година, загинаа 63 млади луѓе, а повеќе од 200 беа повредени.
Go to News Site