Kajgana
Зошто Колумбија, Еквадор и Венецуела имаат речиси идентични знамиња? Филип Здравески 05.05.2026 / 15:37 Чек дис аут Дали знаевте дека знамињата на Колумбија, Еквадор и Венецуела изгледаат речиси идентично бидејќи делат заедничко историско потекло? Сите три знамиња користат исти бои - жолта, сина и црвена - бидејќи потекнуваат од знамето на Голема Колумбија, земја создадена по независноста од Шпанија и предводена од Симон Боливар. Идејата за Голема Колумбија Оваа држава го вклучувала она што сега се Колумбија, Венецуела, Еквадор (без островите Галапагос), Панама, делови од Перу, Бразил и Гвајана. Ја создал Боливар во 1819 година со цел да ги обедини овие региони во една силна нација. Но, не живеела долго - се распаднала во 1831 година откако Боливар починал на 17 декември 1830. Нејзината независност ја признале само Австрија, Франција и Русија, додека останатите европски нации се спротовставиле на идејата за ваква голема земја. По нејзиниот распад секоја земја ги задржала истите бои како заеднички историски симбол, освен Панама. Зошто знамињата сè уште изгледаат слично денес? Голема Колумбија во својата многу кратка историја имала две знамиња. И двете биле со истите бои жолта, сина и црвена. Првото траело две години и жолтата горна лента била поширока, во горниот лев агол имало амблем. Второто знаме било со идентични лени и со амблем на средината. Колумбија: ја задржала оригиналната хоризонтална тробојка, но со поширока жолта лента. Еквадор: ист основен дизајн, но со националниот грб во средината. Венецуела: еднакви ленти, плус ѕвезди и понекогаш грб. Изгледот на ѕвездите и употребата на грбот варирале низ годините. Двете официјални верзии на знамето на Венецуела усвоени во 2006 година, со и без грб 5 интересни факти Боите прв пат ги популаризирал венецуелскиот револуционер Франсиско де Миранда, кој го дал и предлогот за името Колумбија. Заеднички значења: жолта = богатство, сина = море и небо, црвена = крв пролеана за независност. Државата всушност официјално се викала Колумбија, но историчарите го прифатиле терминот Голема Колумбија за да се разликува од денешната држава Колумбија. Ова се меѓу ретките национални знамиња со толку тесно споделено потекло и дизајн. Панама, која по распадот на Голема Колумбија останала дел од Колумбија до 1903 година, целосно се откажала од тробојката и прифатила различен дизајн на знамето, со бои како на знамето на САД со чија помош изборила независност од Колумбија. Колумбија Венецуела Еквадор историја вексилологија Автор/Извор Ф.З. Прикажи во метро On
Go to News Site