Kurir
Направивме законска измена, ќе ги спонзорираме и децата од основното образование и од средното образование кои ќе освојат прва, втора и трета награда или златен, сребрен и бронзен медал на меѓународни натпревари и олимпијади. Обезбедуваме покривање на трошоците за учество на олимпијадите на учесниците и менторите, даваме стипендија од девет месеци на добитниците и еднократни награди на добитниците и на нивните ментори, изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска. Тоа што треба децата и нивните родители да знаат, појасни таа, е да се информирани кои олимпијади и кои натпревари ги финансира министерството. -Ги финансира 15-те признаени меѓународни олимпијади и сите меѓународни натпревари каде има повеќе од 10 земји учесници. Минатата година сите барања ги задоволивме и потрошивме 4,5 милиони денари на големо наше задоволство и на задоволство на сите останати. Стипендиите за средношколците и основците се девет месеци по три и пол илјади денари, дополнително има 80, 60 и 40 проценти од една просечна плата, но има и пет, три и две просечни плати во зависност од тоа какво место освоиле децата. рече Јаневска, одговарајќи на новинарско прашање пред почнувањето на последната панел-дискусија во рамки на кампањата „Магијата е во знаењето“, на тема „Училницата на иднината: Вештачка интелигенција, знаење и новата улога на наставникот“ на кој присуствуваше и младиот математички талент Македон Димитровски. Таа потенцира дека подолго време ја најавува и се надева дека е при крај концепцијата за талентирани ученици која се подготвува. Многу тежок процес, истакна таа, е да се направи концепција за талентирани и е многу скап процес, затоа што концепцијата ќе се направи според добрите практики од други земји, но алатките кои се користат за откривање на талентирани деца е тешко да се спроведат. - Ние нема да се откажеме, ќе почнеме и тоа да го работиме и ќе видиме дали во договор со некој од познатите универзитети кои имаат такви алатки ќе можеме да направиме некаков договор да ни помогнат и во едукација на наставниците, затоа што тоа е сложен процес и не може да се примени веднаш. Треба да бидат едуцирани луѓе, да бидат запознаени со алатките, родителите треба да се согласат за тоа да биде реално спроведено и така како што треба. Она со што јас би рекла дека треба да бидеме среќни е тоа што родителите си ги препознаваат децата, наставниците ги препознаваат и им помагаат на талентираните деца и успехот е евидентен и еден пример денес имаме тука, додаде Јаневска. (МИА)
Go to News Site