Collector
Рубио денеска ќе се сретне со папата Лав XIV во Ватикан | Collector
Рубио денеска ќе се сретне со папата Лав XIV во Ватикан
Kurir

Рубио денеска ќе се сретне со папата Лав XIV во Ватикан

Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска ќе се сретне со папата Лав XIV во Ватикан, во период кога американскиот претседател Доналд Трамп со недели упатува критики кон поглаварот на Католичката црква поради неговите ставови за војната со Иран. Рубио, кој е и советник за национална безбедност на Трамп, треба околу 11:15 часот да пристигне во Апостолската палата во Ватикан на првата средба меѓу папата и член на администрацијата на Трамп по речиси една година. Се очекува разговорот зад затворени врати да трае околу половина час, по што Рубио ќе се сретне и со шефот на ватиканската дипломатија, Пјетро Паролин. Лав XIV, првиот папа од Соединетите Американски Држави, го налути Трамп кога почна да ги критикува американско-израелските воени дејства против Иран и антиимигрантските политики на администрацијата. Американскиот претседател во последните недели продолжи со серија јавни напади врз папата, што предизвика критики од христијаните од различни политички определби. Трамп во понеделникот изнесе тврдења дека папата смета оти е прифатливо Иран да поседува нуклеарно оружје и изјави дека Лав XIV „загрозува многу католици“ со своето противење на војната. Папата ги отфрли тврдењата дека поддржува нуклеарно оружје, нагласувајќи дека неговото поседување е неморално според црковното учење. - Мисијата на Црквата е да го проповеда Евангелието и мирот. Црквата со години зборува против секое нуклеарно оружје, тука нема никакво сомневање - изјави папата. Лав XIV, кој утре одбележува една година на чело на Католичката црква, сè поотворено настапува на светската сцена. Рубио, кој и самиот е католик, престојува во дводневна посета на Рим, каде што утре треба да се сретне и со италијанската премиерка Џорџа Мелони.

Go to News Site