Kajgana
Глобална суспензија за Престиани, нема да игра на стартот од Светското Александра Спасеска 07.05.2026 / 11:44 Фудбал Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) му изрече глобална суспензија на фудбалерот на Бенфика, Џанлука Престиани, што значи дека тој би можел да ги пропушти првите два натпревари од Светското првенство доколку биде избран за репрезентацијата на Аргентина. Пред две недели, Европската фудбалска унија (УЕФА) го суспендираше Престијани на шест натпревари, од кои три натпревари се условни, поради хомофобично однесување за време на дуелот против Реал Мадрид во плејофот од Лигата на шампионите. Тој веќе пропушти еден натпревар поради суспензија, реваншот против Реал. Инцидентот се случи на 17 февруари во Лисабон за време на натпреварот од плејофот на Лигата на шампионите помеѓу Бенфика и Реал Мадрид (0:1). Фудбалерот на Реал, Винисиус Жуниор, постигна гол во 50-та минута, тој славеше кај корнер знамето пред домашните навивачи, кои беа вознемирени од тоа, па го навредуваа и фрлаа разни предмети кон него. Винисиус набрзо отиде кај судијата и пријави дека Престиани го навредил на расна основа. Натпреварот беше прекинат 10 минути, а Престиани, кој си ја покри устата со дресот кога му зборуваше на Винисиус, ги отфрли тврдењата дека расистички го навредил Бразилецот и рече дека погрешно го слушнал. УЕФА побара од ФИФА да ја продолжи суспензијата на глобално ниво, што светското управно тело на фудбалот го прифати. „Дисциплинскиот комитет на ФИФА одлучи да ја продолжи суспензијата од шест натпревари што УЕФА му ја изрече на Џанлука Престиани од Бенфика, за да важи низ целиот свет“, се вели во соопштението на ФИФА. Засега не е познато дали Престиани е во плановите на селекторот на Аргентина, Лионел Скалони, за натпреварите на Светското првенство во САД, Канада и Мексико, каде што неговата репрезентација ќе ја брани титулата. Аргентина ќе го започне натпреварувањето против Алжир на 17 јуни во Канзас Сити, а во групата се и Австрија и Јордан. Престиани го одигра својот единствен натпревар за Аргентина во ноември. Доколку не биде поканет во националниот тим за Светското првенство, 20-годишниот фудбалер ќе ја отслужи суспензијата следната сезона во натпреварувањето под покровителство на УЕФА. Џанлука Престиани Автор/Извор МАКФАКС Прикажи во метро On
Go to News Site