Kajgana
Трамп: Русија и Украина договорија тридневно примирје, oва е почеток на крајот на војната Филип Здравески 09.05.2026 / 09:45 Свет Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека меѓу Русија и Украина ќе биде воспоставено тридневно примирје од 9 до 11 мај. Трамп ова го објави на социјалната мрежа Truth Social, наведувајќи дека за време на примирјето ќе бидат прекинати сите борбени активности и ќе биде извршена размена на по 1.000 воени заробеници од секоја страна. „Задоволен сум што можам да објавам дека ќе биде воспоставено ТРИДНЕВНО ПРИМИРЈЕ (9, 10 и 11 мај) во војната меѓу Русија и Украина“, напиша Трамп. Додаде дека во Русија се одбележува Денот на победата, но и дека Украина била „голем дел и важен фактор во Втората светска војна“. „Примирјето ќе вклучува прекин на сите борбени активности, како и размена на 1.000 заробеници од секоја земја“, напиша тој. Трамп тврди дека барањето за примирје дошло директно од него и дека цени што го прифатиле рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски. „Ова барање директно го поставив јас и многу ценам што го прифатија претседателот Владимир Путин и претседателот Володимир Зеленски“, наведе тој. Трамп изрази надеж дека станува збор за почеток на завршување на војната. „Се надевам дека ова е почеток на крајот на една многу долга, смртоносна и тешка војна. Преговорите за завршување на овој голем конфликт, најголем од Втората светска војна, и понатаму траат и секој ден сме сè поблиску до договор“, напиша американскиот претседател. Зеленски го потврди примирјето Украинскиот претседател официјално потврди дека е постигнат договор со Русија за размена на заробеници и тридневен прекин на огнот. Зеленски порача дека за Украина е поважно да ги спаси животите на своите војници отколку да се фокусира на симболиката на настаните во Москва (Црвениот плоштад). Тој му се заблагодари на Доналд Трамп и неговиот тим за конструктивниот дипломатски ангажман и додаде дека очекува САД да гарантираат дека руската страна ќе ги исполни преземените обврски. Напомена дека Русија е јасно известена за одлучните капацитети на Украина за напади со долг дострел доколку не се почитуваат договорите. Доналд Трамп војна Украина Автор/Извор Макфакс/Кајгана Прикажи во метро On
Go to News Site