Kurir
Јавна расправа по Нацрт-предлогот на Законот за пробација ќе се одржи денеска со почеток во 11 часот, во просториите на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Настанот го организираат Здружението за кривично право и криминологија на Македонија, Центарот за стратегиски истражувања при МАНУ и Македонското пенолошко друштво. На јавната расправа се очекува учество на претставници од институциите, академската заедница и експертската јавност. Со поздравни обраќања ќе настапат министерот за правда Игор Филков, директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов и претседателката на Здружението за кривично право и криминологија, проф. д-р Александра Груевска Дракулевски. Модератор на настанот ќе биде академик Владо Камбовски. Во рамки на расправата ќе биде презентиран Нацрт-законот за пробација, кој ја уредува содржината, целите и начинот на спроведување на пробациските работи, како и надлежностите на органите за нивно извршување. Законот има за цел заштита на заедницата преку ресоцијализација и реинтеграција на сторителите на кривични дела, како и уредување на извршувањето на алтернативни мерки и надзор во заедницата. Предвидени се и тематски излагања за практичните аспекти на пробацијата, по што ќе следи отворена дискусија. Очекувањата на организаторите се дека од јавната расправа ќе произлезат заклучоци и предлози за унапредување на текстот на Нацрт-предлогот на Законот за пробација. Нацрт-законот за пробација е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), а заклучоците од утрешната дебата треба да придонесат кон негово финализирање пред упатување во понатамошна законодавна постапка.
Go to News Site