Kurir
Министерката за надворешни работи на Бугарија, Велислава Петрова-Чамова, најверојатно не направи случаен дипломатски гаф кога ги нарече претставниците на владата во Скопје „северномакедонски партнери“. Формулацијата повеќе наликува на прв, засега умерен сигнал дека Софија го напушта досегашниот воздржан пристап и нема намера да ги избегнува чувствителните теми. Тивката дипломатска тензија избувна третиот ден откако Чамова положи заклетва како шефица на дипломатијата. По средбата со македонскиот колега Тимчо Муцунски во Брисел, бугарската страна соопшти дека останува на ставот дека „усвојувањето уставни измени останува клучен услов за напредокот на Република Северна Македонија“ на патот кон членство во Европската унија, анализира дописничката на ДВ од Софија Емилија Милчева . Од македонска страна следеше остра реакција на формулацијата „северномакедонски партнери“. Муцунски изјави дека „Македонците се Македонци“ и дека тоа не е политичко прашање, туку прашање на основно почитување на идентитетот и достоинството на народот. Во Скопје беше повикан и бугарскиот амбасадор Желјазко Радулов, на кого му беше врачен устен демарш поради „несоодветната и погрешна“ терминологија. Според Преспанскиот договор од 2018 година, името на државата е Република С Македонија, додека терминот „македонски“ се користи за културниот и етничкиот идентитет, јазикот, историјата и другите атрибути. Сепак, министерка со искуството на Чамова тешко може да се смета за несвесна за чувствителноста на ова прашање. Нејзината изјава сугерира дека за Софија називот на државата има пошироко значење и не се сведува само на географска одредница. „Таа знае што прави“ Иако по образование е микробиолог, Чамова има долгогодишно искуство во Министерството за надворешни работи и била заменик-министер во три влади. Во коалицискиот кабинет на „Продолжуваме со промената“ во 2022 година таа беше дел од квотата на „Има таков народ“, додека во техничките влади назначени од претседателот Румен Радев беше задолжена за Македонија, Шенген и процесот на пристапување кон ОЕЦД. Нејзиниот политички подем започнува со клубот „Милениум“, организација на поранешни министри од времето на Симеон Сакскобургготски. Поранешниот вицепремиер Николај Василев ја нарече „свое откритие“. Меѓу членовите на клубот е и европратеничката Цветелина Пенкова од редовите на БСП. Токму владата на Кирил Петков, во која Чамова беше заменик-министер, го усвои таканаречениот „француски предлог“ во 2022 година. Тој предвидува Македонија да направи уставни измени и да ги внесе Бугарите како државотворен народ пред отворањето на поглавјата во преговорите со ЕУ. Формулацијата за јазикот остана компромисна, при што Софија не го признава македонскиот како посебен јазик. Четири години подоцна, и покрај укинувањето на бугарското вето, Северна Македонија сè уште ги нема направено овие уставни измени. Непосредно пред формирањето на новата влада во Софија, македонската влада повторно соопшти дека не е подготвена на таков чекор. Во чувствителен момент Настапот на Чамова доаѓа во период кога се разгледува новиот извештај за напредокот на Македонија изготвен од европратеникот Томас Вајц. Претходниот извештај во 2025 година беше изменет по барање на Бугарија, при што беа отстранети формулациите за „македонски јазик“ и „македонски идентитет“. И новиот извештај отвора дебати. Вајц останува на ставот дека внесувањето на Бугарите во Уставот е неопходно и не подлежи на преговори. Но контроверзи предизвика неговиот предлог Европскиот парламент да побара правно појаснување за статусот на вториот протокол меѓу Бугарија и Македонија – клучен дел од договорите во рамки на францускиот предлог. Бугарските европратеници од различни политички групи предупредија дека не смее повторно да се отвора веќе договорената рамка за членството на Северна Македонија во ЕУ. Извештајот сè уште е во фаза на разгледување во Комисијата за надворешни работи. Во бугарската политика, цврстиот став кон Скопје долго време носи внатрешнополитички поени, практика што ја негува и претседателот Румен Радев. Првите сигнали од неговата влада укажуваат дека овој курс ќе продолжи.
Go to News Site