Kurir
Конечно и неповратно, пред човештвото се поставува дилемата дали ќе победи разумот или лудоста. Во зависност од “победникот“, човештвото ќе се соочи со мирот или со војната. Војна која според многу показатели, може да биде и последната случена на оваа планета, на нашата заедничка планета. Текстов е само обид преку изнесување факти, кои, за жал, се претставуваат искривено или се кријат, да поттикне на размислување. Обид, работите да се согледаат од нивната вистинска вековна страна, а не според дневнополитички потреби. ФАКТИТЕ СЕ СЛЕДНИ Според најосновната дефиниција - “континент е големо парче копно опкружено со вода од сите страни“. Ова јасно говори дека не постојат два посебни континенти Европа и Азија, бидејќи не само што не се секој посебно опкружени со вода, туку се целосно копнено поврзани. Тоа ќе рече – постои еден заеднички континент – Евроазија, “поделен“ заради нечии геостратегиски потреби. Територијата на Руската Федерација зафаќа неверојатни 40 проценти од “континентот“ Европа, а сите останати европски држави, заедно ги зафаќаат останатите 60 проценти. Дел од тие 60 проценти зафаќа и европскиот дел на Турција. Во 1949 година, веднаш по формирањето на НАТО, изградена е првата “линија на одбрана од агресија од страна на Советскиот Сојуз“. Се наоѓала западно од реката Рајна, на источните граници на Холандија. Тоа е Ајселовата линија, која претставувала систем од брани и канали во должина од 250 и широчина од 10 километри, кои при евентуална агресија, требало да бидат ставени во функција за да ја потопат целата таа површина со што би се спречило евентуално тенковско и пешадиско напредување. Била изградена во целосна тајност, бидејќи при евентуално активирање, при потопувањето би загинале помеѓу 10.000 и 40.000 граѓани на Холандија. Деактивирана е во 1964 година. Од тогаш до денес, со постојано поместување, таа “линија на одбрана од агресија, сега веќе, од Руската Федерација“, од некогашната позиција на источната холандска граница, се најде на самата источна граница на Украина со Руската Федерација. Еден од најголемите повоени европски политичари, Шарл Де Гол има изнесено маестрална констатација дека “Европа е автомобил кој треба да се движи со две оски, оската Париз-Берлин и оската Берлин-Москва“. И додал дека “може да се движи и само со една оска, но тогаш би претставувала приколка која некој треба да ја влече“. Според изјавата на претседателот на САД Доналд Трамп на почетокот на инвазијата врз Иран, “Соединетите Американски Држави се најмоќната и најбезбедната држава затоа што од секаде се опкружени со вода, односно се наоѓаат на посебен континент издвоени од остатокот на светот“. При посетата на Атина пред десеттина дена, францускиот претседател Емануел Макрон им упати порака на своите домаќини – “доколку имате каква и да е закана од Турција, ние сме тука“, што претставува нов обид за конечна поделба на ионака кревкиот простор во источниот Медитеран. ВО СЕКОЈДНЕВИЕТО Е ПОИНАКУ Доколку тргнеме од изјавата на Трамп дека САД се најмоќни и најбезбедни затоа што се издвоени од остатокот на светот, недвосмислено се наметнува размислата дека е тоа така затоа што во нивниот 250 – годишен развој без ниту една војна на нивната територија, никој не успеал со мешање од надвор да ги подели и закрви до степен да ја предизвика таквата евентуална војна. Затоа, пак, обете најголеми “светски“, всушност, евроазиски војни, се воделе на целосно поделениот, дури закрвен, евроазиски континент и, најчесто насочени против руското или советско “царство“, кое, постојано се прикажува како нешто што не припаѓа на “европскиот“ континент, па дури е и закана за неговата безбедност. И, за да може токму Евроазија постојано да се држи под закана од војна, а за потребите на интересите на оската Лондон-Вашингтон (најчесто и Тел Авив), се конструира таканаречена евроатлантска безбедносна архитектура и, нормално, од нејзе се исклучува руската федерација, односно се исклучуваат 40 проценти од “европскиот континент“. Па така, првиот сосед, кој според старата македонска мудрост “ти е поблизок и од роднините, затоа што е прв до тебе и може прв да ти притекне на помош“ се исфрла од соработка, а некој, илјадници километри далеку, “преку седум мориња“, решава за безбедноста, односно небезбедноста на твојот заеднички континент. Кога на почетокот на овој милениум НАТО започна со распоредување на најсовремени балистички ракети во источна Европа, објаснувањето беше дека тоа се прави заради одбрана од можните терористички акции на радикалниот ислам од централна и југозападна Азија. Тогаш, Руската Федерација побара членство во НАТО и распоредување на овие ракети на нејзина територија, што беше најлогично решение доколку навистина се поставуваа како одбрана од евентуален исламистички тероризам, што, пак, ќе претставуваше врвна заедничка безбедност, а што, експресно беше одбиено. За жал, денес гледаме дека целта била нешто сосем друго. ЕВРОАЗИСКА НАМЕСТО ЕВРОАТЛАНТСКА СОРАБОТКА И сега, имаме ли доволно фантазија да замислиме што би се случило доколку наместо евроатлантска, се исцрта евроазиска безбедносна, политичка и економска архитектура? Можеме ли да замислиме дека евроазискиот континент би бил обединет со заедничка идеја за мир и соработка, дека од сите страни би бил опкружен со вода и дека, како што тврди Трамп за американскиот континент, би бил моќен и безбеден? Можеме ли да замислиме дека тогаш туѓите оски на интереси би биле неутрализирани и државите од евроазискиот континент заеднички би ги штителе своите интереси од надворешни влијанија и закани? Можеме ли да замислиме заеднички континент без туѓи балистички ракети и боеви глави кои, нели, треба да не бранат нас, од самите нас? Заеднички континент со наши одбрамбени орудија сите свртени не едно кон друго, туку само за заштита на заедничкиот континент од надворешен агресор? Можеме ли да замислиме заеднички пазар од повеќе од 4 (и со букви – четири) милијарди луѓе, кој би бил најголемиот, најмоќниот и најпосакуваниот пазар без кој би пропаднале сите други економии? Можеме ли да замислиме заеднички континент целосно независен од енергенси, суровини, ретки земји, храна...? Можеме ли да замислиме заеднички континент воено надмоќен над остатокот од целиот свет, со тројно поголем број нуклеарни боеви глави, доколку недајбоже станат потребни, а што се самите по себе најголемата гаранција за мир? Можеме ли да замислиме технолошки толку развиен простор колку заедничкиот простор на Европа, Кина, Руската Федерација, Јапонија, Јужна Кореја... кој би го владеел светот не со војни туку со знаење? Можеме ли да замислиме вечен мир наместо вечни војни? Можеме ли да замислиме...? За жал, бидејќи геостратегиските, геополитичките и геоекономските експерти во Лондон и Вашингтон сето ова можат да го замислат и, од самата помисла им се крева косата на глава, затоа што англо-американската оска би го изгубила приматот на светски хегемон, американскиот долар би станал безвредно парче хартија, а државите кои денес се нивни полуколонии, би станале суверени и свои, тие прават се’ за да не се случи евроазиската безбедносна, политичка, економска... архитектура. На народите од Евроазија им останува да го замислат сето ова, посебно на оние од европскиот дел од Евроазија и наместо приколка влечена од друг, како што би рекол Де Гол, да станат најбрзиот автомобил што со себе ќе го влечи остатокот од светот во мир и благосостојба. За крај, знам дека делува утопистички, но, сепак, морав да го напишам, затоа што разумот и мирот се мојата определба, а надежта во мирна иднина е таа која треба да не движи напред. Страшо Ангеловски Претседател на МААК
Go to News Site