Collector
Американски власти ја разгледуваат можноста за покренување обвинение против Раул Кастро | Collector
Американски власти ја разгледуваат можноста за покренување обвинение против Раул Кастро
Kurir

Американски власти ја разгледуваат можноста за покренување обвинение против Раул Кастро

Соединетите Американски Држави преземаат чекори за можно покренување обвинение против 94-годишниот поранешен кубански претседател Раул Кастро, објавуваат американски медиуми. Потенцијалното обвинение би се однесувало на случајот со соборувањето авиони на кубанска егзилантска група во 1996 година, при што загинаа четири лица, објави „Си-Би-Ес Њуз“ повикувајќи се на американски официјални претставници. И „Ју-Ес-Еј Тудеј“ повикувајќи се на два извора запознаени со случајот, наведува дека можното обвинение е поврзано со случајот од пред речиси три децении. За покренување такво обвинение според американскиот правосуден систем неопходно е одобрување од цивилна Голема порота. Кубанските воздухопловни сили на 24 февруари 1996 година соборија два авиони на организацијата „Браќа за спасување“ (Brothers to the Rescue) со седиште во Мајами, во близина на кубанскиот брег. Хавана тврдеше дека авионите „цесна“ влегле во кубанскиот воздушен простор, додека Меѓународната организација за цивилно воздухопловство заклучи дека тие се наоѓале над меѓународни води. Тројца од загинатите беа американски државјани. Неколку американски конгресмени побараа Кастро да биде обвинет за случајот, бидејќи наводно тој како тогашен министер за одбрана го наредил соборувањето. Републиканскиот гувернер на Флорида, Рон Десантис, на платформата„Икс“ напиша дека би ги поздравил обвиненијата против поранешниот кубански лидер. Кастро се повлече од претседателската функција во 2018, а од лидерската позиција на Комунистичката партија во 2021 година и оттогаш не учествува активно во секојдневната политика. Како помлад брат на револуционерниот лидер Фидел Кастро и еден од последните претставници на генерацијата од Кубанската револуција, тој и натаму ужива голем углед во земјата. Тој се смета и за важен советник на актуелниот претседател Мигел Дијаз-Канел, со добри врски со врвот на кубанската армија. Односите меѓу САД и Куба се затегнати уште од Револуцијата во 1959 година, а дополнително се влошија откако американскиот претседател Доналд Трамп повторно се врати на власт. Во јануари 2025 година, Трамп повторно ја стави Куба на американската листа на држави спонзори на тероризам.

Go to News Site