Collector
Зоран Димитровски учествуваше на 134-та сесија на Комитетот на министри на Советот на Европа во Кишињев, Република Молдавија | Collector
Зоран Димитровски учествуваше на 134-та сесија на Комитетот на министри на Советот на Европа во Кишињев, Република Молдавија
Kurir

Зоран Димитровски учествуваше на 134-та сесија на Комитетот на министри на Советот на Европа во Кишињев, Република Молдавија

Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, денеска , учествуваше и се обрати на 134-та сесија на Комитетот на министри на Советот на Европа, која годинава се одржа во Кишињев, Република Молдавија. На сесијата учествуваа министри за надворешни работи на земјите членки и високи претставници на Организацијата. Во услови на значајни геополитички предизвици, засилени притисоци врз мултилатерализмот и продолжена нестабилност во Европа, министрите разговараа за клучните приоритети на Советот на Европа, меѓу кои руската агресија врз Украина, демократската отпорност, заштитата на човековите права, борбата против странското влијание и манипулацијата со информации, како и идната надворешна стратегија на Организацијата. Во своето обраќање, Димитровски ја потврди цврстата поддршка на Република Македонија за сеопфатен, праведен и траен мир во Украина, нагласувајќи ја важната улога на Советот на Европа во обезбедувањето одговорност за сторените злосторства и поддршката на поствоената обнова. Во рамки на сесијата, во Кишињев беше организирана и официјална церемонија на потпишување на Конвенцијата за воспоставување Меѓународна комисија за побарувања за Украина, на која Република Македонија се приклучи кон земјите потписнички. Во своето обраќање, осврнувајќи се на заштитата на човековите права, Димитровски потенцираше дека Европската конвенција за човекови права претставува темел на европскиот систем за заштита на човековите права, при што кредибилитетот на системот зависи од целосното и доследно спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права од страна на сите држави. Во рамки на дискусијата посветена на странската манипулација со информации и мешањето во демократските процеси (FIMI), Димитровски предупреди дека дезинформациите и хибридните закани претставуваат еден од најсериозните предизвици за демократската безбедност денес. „За земји како нашата, како мала и отворена демократија, членка на НАТО и држава цврсто посветена на европската интеграција, ова прашање е од особено значење. Сѐ почесто сме сведоци дека дезинформациските кампањи не се изолирани медиумски инциденти, туку координирани операции поврзани со сајбер напади, политички влијанија и обиди за продлабочување на постојните општествени и политички поделби. Исто така, нашата држава се соочува со растечки бран на хибридни напади што се спроведуваат преку мрежа од околу 20 онлајн портали поддржани од Софија, кои се претставуваат како локални македонски медиуми, а во суштина шират дезинформации и манипулативни содржини. Токму затоа, заштитата на демократската отпорност, вистината и институционалната доверба останува еден од нашите клучни приоритети", нагласи Димитровски. Во тој контекст, посочи дека Македонија во изминатиот период се соочува и со наративи и кампањи кои произлегуваат од спорови поврзани со историски и идентитетски прашања со, при што дезинформациите дополнително придонесуваат кон поларизација и недоверба во јавноста. Учеството на 135-та сесија на Комитетот на министри на Советот на Европа, претставуваше значајна можност за размена на ставови, како и за афирмирање на позициите на Република Македонија во однос на заштитата на демократијата, човековите права, владеењето на правото и поддршката на ефективниот мултилатерализам во услови на современи безбедносни и геополитички предизвици. Сесијата заврши со примопредавање на претседавањето од Република Молдавија на Монако.

Go to News Site