Kajgana
Римското дерби конечно доби термин: В недела точно на пладне! Филип Здравески 15.05.2026 / 12:47 Фудбал По неколку дена несогласувања и неизвесност, конечно е постигнат договор за датумите на натпреварите од 37. коло од Серија А, кои одлучуваат за тоа кои екипи ќе се пласираат во Лигата на шампионите. Римското дерби помеѓу Рома и Лацио ќе се игра в недела, 17 мај, точно напладне, а другите натпревари ќе се играат во исто време: Комо - Парма, Џеноа - Милан, Јувентус - Фиорентина и Пиза - Наполи. Овој исход дојде откако префектурата на Рим даде согласност за предлогот на раководството на Лега Серија А. Со ова се затвори комплицираната ситуација што започна кога дербито, првично закажано за недела во 12:30 часот, беше поместено за понеделник во 20:45 часот. Лигата поднесе жалба на одлуката на префектурата до Административниот суд во покраината Лацио, кој потоа побара страните да постигнат договор. Пресвртот дојде по притисокот од навивачите, особено од оние на Рома, кои најавија дека нема да се појават на стадионот доколку натпреварот се игра во понеделник навечер. Беше оценето дека собирањето голем број навивачи надвор од стадионот во тој момент би претставувало поголем безбедносен ризик отколку играњето во порано време, иако финалето на тенискиот турнир Италија опен се одржува во близина истиот ден. Лега Серија А им се заблагодари на сите вклучени страни, како и на навивачите, за нивното разбирање, со порака дека истовременото играње на натпреварите од претпоследното коло ја зачувува спортската регуларност за сите клубови кои се борат за истата цел. Останува да се види дали тренерот на Лацио, Маурицио Сари, ќе се појави на Дербито дела Капитале откако во неколку наврати велеше дека ќе го бојкорира мечот и нема воопшто да се појави доколку се игра на пладне. „Ако сакаат да го играат дербито напладне во недела, нема да дојдам. Тоа е моето чувство. Можат сами да си го играат“, рече завчера Сари. Ова ќе биде 166 римско дерби во Серија А. Досега Лацио има 43 победи, Рома има 60, додека 62 натпревара завршиле без победник. И гол-разликата е на страната на Рома, 205:159. Серија А веќе ги делегираше и судиите, а довербата му ја даде на Фабио Мареска од Наполи, а ќе му помагаа Џорџо Перети (Вилафранка ди Верона) и Џузепе Пероти (Кампобасо), додека четврти ќе биде Марио Пери (Рим). Во ВАР собала ќе бидат Марко Ди Бело (Бриндизи) како главен со асистентот Розарио Абисо (Палермо). Дерби дела Капитале Рома Лацио Серија А Автор/Извор Ф.З. Прикажи во метро On
Go to News Site