Kurir
Јавниот обвинител Ненад Савески оствари средба со италијанскиот амбасадор Паоло Палминтери, на која беа разгледани соработката меѓу двете земји и поддршката на Италија во областа на владеењето на правото. Од Јавното обвинителство соопштија дека на средбата станало збор и за предизвиците со кои се соочува обвинителството. - Соработката на Јавното обвинителство со Република Италија е екстензивна, а Италија како еден од најсилните поддржувачи на Македонија во ЕУ е силно заинтересирана за владеењето на правото - стои во соопштението. Италијанскиот амбасадор ги презентирал досегашните активности, вклучувајќи ги и меѓуинституционалните меморандуми за борба против еколошки криминал и заштита на културното наследство. Соговорниците разговарале и за идните активности, недостигот од јавни обвинители и ресурси, како и обврските од реформската агенда. - Савески и Палминтери се согласија дека од стабилноста и сигурноста на овој регион зависи и европската стабилност, бидејќи криминалните мрежи се поврзани меѓу себе - велат од Обвинителството. Од таму додаваат дека Италија е подготвена да ја засили поддршката за обвинителството, имајќи предвид дека владеењето на правото е клучен дел од процесот на пристапување во ЕУ.
Go to News Site