Collector
Од „чичко“ Дончо до Каролина Гочева | Collector
Од „чичко“ Дончо до Каролина Гочева
Kurir

Од „чичко“ Дончо до Каролина Гочева

Деновиве, сите медиуми се преполни со она што се случило на прославата на фудбалскиот клуб Вардар за освоената титула Шампион на Македонија, кога фудбалерите, тренерите, луѓе од раководството и речиси сите присутни (со вистинска чест за исклучоците), невоспитано и безобразно, наместо да го слават своето, го омаловажувале туѓото (што е туѓо само за нивните сфаќања, а , всушност, уште како е наше, заедничко), највулгарно обидувајќи се да газат по достоинството на една жена, која и да е таа, во случајов – Каролина Гочева. На еден успешен амбасадор на македонската култура. Па, со тоа, и несакајќи, најавија отворена војна на некултурата против културата. Војна во која, мора да бидат поразени, војна во која културата мора да победи. „ЧИЧКО“ ДОНЧО – ПРИМЕР ЗА ПОМЛАДИТЕ Токму затоа, текстов го започнувам со името на еден човек, на Андон Дончевски, нашиот „чичко“ Дончо, човек кој во својата 91-ва година од животот, претставува жива легенда на Вардар, на македонската репрезентација, на македонскиот фудбал. Роден во 1935 година во Кавадарци, најголемиот дел од својата играчка и тренерска кариера го минал токму во ФК Вардар. Како играч бил дел на онаа вардарова генерација која го освоила единствениот трофеј на Купот на поранешната држава Југославија, а како тренер на истиот тој Вардар, ја освоил и единствената шампионска титула во Првата лига на истата таа држава. Играјќи за Вардар, постигнал 217 голови што претставува клупски рекорд. „Чичко“ Дончо беше и првиот селектор на фудбалската репрезентација на самостојна Македонија од јули 1993 до декември 1995 година, при што, заедно со него, македонскиот народ ја прослави и првата меѓународна победа на својата фудбалска репрезентација на мечот против Словенија во Крањ. Зошто го пишувам ова? За да потсетам на начинот на кој „чичко“ Дончо и неговите „деца“ ги прославуваа победите и освоените титули. Оние повозрасните се сеќаваат како тој и неговите играчи, дали во Вардар или во македонската репрезентација, со невидено достоинство, високо кревајќи го сопствениот симбол, дресот на Вардар или македонското знаме, во зависност од тоа кого го предводеше во моментот, прославуваа. И да, знаеја и да запеат, во еден глас, македонската химна, ако прославуваше репрезентацијата, македонска патриотска песна, доколку славеше Вардар. Песна која обединуваше, а не песна која разделува, навредува, отвора пат за натамошни поделби и омрази. Така „чичко“ Дончо ги воспитуваше своите „деца“, своите фудбалери. „Чичко“ Дончо, како персонификација на една цела генерација, со своето однесување, не’ подучуваше како се бори за своето, како се почитува поинаквото и како, достоинствено се слави победата и се поднесува поразот. Зашто, едно мора да ни биде јасно, „чичко“ Дончо и сите ние со него, тогаш, спортот го разбиравме не само како натпревар, не само како борба во која треба да се победи, спортската арена не како арена на гладијатори, спортскиот противник не како непријател, а навивачите на противничкиот тим не како душман кој треба да се навреди или да се натепа. Спортот го разбиравме како можност младите спортисти и навивачи да се воспитуваат токму на достоинствено, културно и човечко однесување. Спортот како дел од еден воспитен процес во кој генерации млади ќе ги осознаваат вистинските вредности кон кои треба да стремат, вистинските пораки кои треба да ги следат, наспроти вредностите извлечени од калта на некултурата, невоспитаноста, неморалот и вулгарноста. ПОВТОРНО – ЗА НАСОЧУВАЊЕ ВО ДУХОВНОСТА Многу вода протече низ Вардар, од Шар Планина до Солун, многу нешта се променија од тогаш до денес, за да стасаме до овде каде што, за жал, се наоѓаме, за да стасаме во слепата улица на невоспитаноста, некултурата, вулгарноста и неморалот. Од времето кога „чичко“ Дончо беше и тренер и воспитувач и учител и родител. Од времето кога и за тренерите и за фудбалерите и за навивачите спортот беше возвишена витешка состојба на телото и духот, кога жената и мајката беа светици, кога зборот извикнат во бодрењето на „своите“, беше поттик за успех а не отровна стрела за нечија навреда... И, за да биде јасно – она што се случувало на прославата на титулата на ФК Вардар, не само што не е изолиран случај, туку е редовен вулгарен ритуал, на сите тренери, фудбалери и навивачи во цела Македонија и, за жал, во целиот свет. Токму затоа, МААК, како политичка партија понуди предлог Стратегија за насочување на македонската нација во духовноста. Длабоко свесни дека агресивно ни се нападнати децата, семејството, верата и нацијата, предлагаме враќање кон традицијата, онаа вековната; враќање на воспитната компонента во сега оголениот образовен процес; враќање на односите на почитување на човек со човек, на сосед со сосед, на верник со верник од различни вери, на помлад кон повозрасен, на маж кон жена и жена кон маж, на дете кон мајка и татко; воспитување на децата дека не постои родова еднаквост, туку полова рамноправност каде мажот и жената се потполно општествено рамноправни, но и воспитување на машките деца дека жените се физички понежниот пол и дека момчето и мажот се должни да ги штитат; враќање во културата на умот, онаа култура која создава трајни и вредни дела, наместо културата на голото тело која со својата неморалност поттикнува токму на однесување како она на прославата... Поинаку, доколку дозволиме децата да ни бидат воспитувани од вулгарни и брутални содржини на социјалните мрежи; родителите да ни бидат обземени од алчен хедонизам за што поголеми материјални богатства и целосно отсутни за сопствените деца; учителите да ни бидат уплашени дека некое невоспитано дете може и физички да ги нападне, а неговиот невоспитан родител да го поддржи во тоа; доколку не ги насочиме сопствените деца кон вистинските духовни вредности на културата, воспитувањето и почитта, се’ дотогаш ќе ги имаме „прославите“ како оваа. А тоа, да бидеме сигурни, ќе води кон распад на општеството, кон одумирање на нацијата и кон целосно бришење на нашето милениумско цивилизациско постоење. Единствено патот кон духовноста е пат по кој човештвото мора да се движи доколку сака да ги совлада вештачки наметнатите антицивилизациски вредности и да се сочува себе си. Страшо Ангеловски

Go to News Site