Kajgana
Сите пречки што моментално стојат на патот и како Западен Балкан може да ги надмине за да влезе во Шенген Кога Западен Балкан ќе се приклучи на Шенген? Филип Здравески 19.05.2026 / 14:15 Регион За граѓаните на Западен Балкан, европските граници долго време не се само географски, туку и политички и симболични линии што дефинираат колку навистина регионот е дел од Европа. Иако земјите од регионот со години спроведуваат реформи и го хармонизираат законодавството со Европската Унија, приклучувањето кон Шенген сè уште изгледа како неизвесна цел. Додека Брисел зборува за интеграција и заеднички европски простор, на балканските граници продолжуваат часови чекање, контроли и недоверба. Прашањето повеќе не е само кога Западен Балкан ќе влезе во Шенген, туку дали Европската Унија навистина го гледа регионот како рамноправен дел од својата иднина. Слободното патување без гранични контроли, во рамките на Шенген зоната, сега е можно за 29 земји, од кои 25 се членки на ЕУ. Евентуалното заедничко влегување на Западен Балкан во Шенген, и покрај „добрата волја и обединетите повици од Брисел за тоа“, експертите го оценуваат како невозможно бидејќи земјите се во различни фази од европската интеграција. Што велат земјите од Западен Балкан? Официјален Белград, сепак, смета дека е сосем реално Европа да го отклучи „целосниот потенцијал на вклучувањето на регионот во Шенген“, што беше пораката на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ и Западен Балкан на 11 мај во Брисел, соопшти српскиот министер за надворешни работи Марко Ѓуриќ. Оваа идеја ја поддржува и министерот за европски интеграции на Србија, Немања Старовиќ, кој оцени дека вклучувањето на Западен Балкан во Шенген зоната „би бил добар и опиплив чекор“. Земјите од Западен Балкан имаат безвизен режим со ЕУ, што значи патување без визи, но максимум 90 дена во кој било 180-дневен период во рамките на Шенген зоната. Подгорица нагласува дека поддржува иницијативи што придонесуваат за европската интеграција на регионот, поголема безбедност и послободно движење на луѓе, но нагласува дека Црна Гора не била консултирана во врска со предлогот за вклучување на Западен Балкан во Шенген. Министерството за надворешни работи вели дека регионалните иницијативи бараат претходна координација и заеднички договор од сите држави. Исто така потсетуваат дека Црна Гора со години спроведува реформи во согласност со Шенгенските стандарди и развива систем за интегрирано управување со границите, додека приоритет останува полноправно членство во Европската унија врз основа на исполнување на критериумите. Официјална Подгорица очекува да се приклучи на ЕУ до 2028 година. Искуства од Хрватска, Бугарија и Романија Примери од веќе влезените земји од регионот покажуваат дека членството во Шенген зоната доаѓа многу подоцна од пристапувањето во ЕУ. Хрватска чекаше десет години по пристапувањето во ЕУ за да се приклучи на Шенген зоната, додека Бугарија и Романија го завршија процесот речиси две децении подоцна. Поранешната хрватска министерка за надворешни и европски работи Весна Пусиќ смета дека членството во ЕУ е клучна политичка цел, додека пристапувањето кон Шенген и еврозоната доаѓа дури потоа. Според неа, тешко е да се замисли сценарио во кое една земја би станала дел од Шенген пред или истовремено со пристапувањето во Европската Унија. Таа потсетува дека Хрватска технички била подготвена за Шенген уште пред формалното пристапување, но дека политичките околности во ЕУ играле важна улога. Европската Унија, наведува таа, не сакала Хрватска да стане членка на Шенген зоната долго пред Бугарија и Романија, кои сè уште чекале процесот да биде завршен. Хрватска се приклучи на Европската унија во 2013 година, а стана дел од Шенген во 2023 година. Бугарија и Романија, кои се членки на ЕУ од 2007 година, беа примени во Шенген зоната дури во 2025 година. Безбедноста како предност или ризик Српскиот министер за надворешни работи, Марко Ѓуриќ, објаснувајќи зошто Шенген треба да се отвори за Западен Балкан, рече дека „цврстите граници го прекинуваат крвотокот на економијата и туризмот“. Тој, исто така, процени дека ова ќе „доведе до 50 милијарди евра нова економска активност, без намалување на безбедноста на ЕУ“. Сепак, Бојана Зориќ од ISS проценува дека од безбедносна перспектива, повеќето земји-членки би го сметале предвременото проширување на Шенген зоната кон Западен Балкан како потенцијален ризик, а не како непосредна предност, објави Радио Слободна Европа. Таа потсетува дека Шенген се темели на меѓусебна доверба дека секоја земја-учесничка може ефикасно да ја заштити надворешната граница на Унијата. „Со оглед на постојаните загрижености за нерегуларната миграција, организираниот криминал, корупцијата и нееднаквиот институционален капацитет во делови од регионот, многу влади на членки на ЕУ веројатно би останале претпазливи“, оцени таа. Зориќ верува дека пореално сценарио од брзото пристапување е постепена интеграција преку зајакнување на соработката со Фронтекс, понатамошно усогласување со визната политика на ЕУ и подобрено управување со границите. Оценува дека напредокот на земјите од Западен Балкан во приближувањето кон шенгенските стандарди е нееднаков и дека ниедна земја во регионот во моментов не е целосно подготвена да се приклучи на Шенген. Повикувајќи се на извештаите на Европската комисија за 2025 година, таа наведува дека од земјите од регионот се бара дополнително да ги хармонизираат визните политики и да ги зајакнат безбедносните контроли. На Србија ѝ се препорачува да ги заостри контролите врз државјаните од трети земји кои влегуваат без визи, особено од земји што претставуваат миграциски или безбедносен ризик, како и поригорозни проверки при доделување државјанство. Европската комисија, исто така, предупредува на можните безбедносни последици од дозволувањето безвизен пристап до ЕУ за руските граѓани што користат српски пасоши. Се очекува Црна Гора да ги укине договорите за безвизен режим со земјите кои немаат либерализиран визен режим со Европската Унија, додека Босна и Херцеговина е критикувана за недоволно хармонизирана визна политика и лошо управување со границите. Европската комисија, исто така, предупредува на недостиг на персонал во граничната полиција на БиХ, каде што една четвртина од планираните позиции се уште се непополнети. Што е Шенген зоната? Шенген зоната им овозможува на повеќе од 450 милиони луѓе слободно да патуваат меѓу земјите-членки, без да минуваат низ гранични контроли. Покрај 25-те земји од ЕУ, Шенген зоната ги вклучува и членовите на Европската асоцијација за слободна трговија - Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија. Иако не се во Шенген зоната, малите држави како Андора, Монако, Сан Марино и Ватикан имаат отворени граници со шенген-членките со кои граничат. Истото важи и за Гибралтар, кој е британска територија, но со Договорот од 19 јуни ја тргна физичката граница со Шпанија, но остануваат контролите на аеодромот и пристаништата. Од ЕУ членките само Ирска и Кипар не се во Шенген. Од останатите земји на Стариот континент, не се во Шенген уште и Обединетото Кралство (со крунските поседи Ман, Гернзи и Џерси), Белорусија, Украина, Молдавија, Русија, Турција, Грузија, Ерменија и Азербејџан. Не се ниту данските територии Фарски Острови и Гренланд, ниту холандските, француските и норвешките прекуморски територии. Западен Балкан шенген зона ЕУ Автор/Извор Ф.З. Прикажи во метро On
Go to News Site