Kurir
Индонезиската армија денеска соопшти дека вооружени сепаратисти во покраината Папуа убиле осум цивили кои работеле како копачи на злато, додека бунтовничката група тврди дека жртвите биле воени разузнавачи. Според армиските информации, инцидентот се случил во регионот Јахукимо во покраината Хајленд Папуа, а во тек е процес на евакуирање на телата на жртвите. Воениот портпарол, М. Вирја Артадигуна, го осуди нападот соопштувајќи дека жртвите биле цивили вработени во локален рудник, како и дека покрената е акција за пронаоѓање на напаѓачите. Од друга страна, вооружената сепаратистичка група Западнопапуанска народноослободителна војска ја презеде одговорноста за нападот, тврдејќи дека убиените биле воени разузнавачи преправени како рудари. Армијата ги отфрли таквите обвинувања. Сепаратистите ја повикаа Владата на Индонезија да престане да испраќа воени офицери во Папуа преправени како цивили, додека армијата започна потера по сторителите. Регионот Папуа е богат со ресурси, каде се наоѓа вториот по големина рудник за злато и бакар во светот. Областа со децении е поприште на сепаратистички конфликт, од 1969 година кога премина под контрола на Индонезија по гласање спроведено под надзор на Обединетите нации. Извор МИА
Go to News Site