Kurir
Членовите на Советот ги разгледуваа и полноправно одлучуваа за 19 точки кои се најдоа на дневниот ред, во рамки на 13-тата седница која се одржа денеска во просториите на Општина Карпош. По деталната презентација на раководителката на Секторот за финансиски прашања, мнозинството советници ги поддржаа измените и дополнувањата на Буџетот на Општина Карпош за 2026 година. Имено, потребата за донесување на оваа Одлука произлезе од доделените средства од страна на Министерството за финансии, за данок на додадена вредност во износ од 28.580.290 денари, како и за распоредување на пренесениот вишок од минатата година, кај буџетската сметка во висина од 23.319.669 денари. Исто така, пренесениот вишок од минатата година кај блок дотациите изнесува 3.636.683 денари. Според образложението, постојат промени на износите на одредени ставки во сите колони во консолидираниот Буџет на Општина Карпош. Поточно, промени се јавуваат во приходниот дел, каде што претходниот износ од 1.332.434.279 денари се зголемува на износ од 1.377.715.599 денари. Во колоната на расходи од дотации, сумата во расходниот дел се зголемува од износ 715.336.000 денари, на износ од 718.972.000 денари. Во програмата Ј40 – Јавна чистота е извршено зголемување од 55.700.000 на 58.700.000 денари. Во подпрограмата - Капитални расходи за основно образование, се зголемуваат средствата од 10.180.000 на 19.280.000 денари. Станува збор за потребни финансиски средства за опремување на спортските сали во основните училишта „Димо Хаџи Димов“ и „Братство“, кои се градат со средства доделени со Одлука на Владата на РСМ, каде што дел од финансиите се обезбедени од Буџетот на Општина Карпош. Во колоната на Самофинансирачки активности пак, сумата во расходниот дел се зголемува од 79.151.000 на 84.550.000 денари, поради остварување на поголеми приходи од самофинансирачки активности. Овие средства се наменети за исплата на комунални услуги, за поправки и одржување на опрема и згради, договорни услуги, како и оперативни расходи за детските градинки и основните училишта на територија на Карпош. Со одлука на Советот беа прифатени измените и дополнувањата на Програмите за 2026 година, за активностите на Општина Карпош во областа на екологијата и енергетската ефикасност, за уредување на градежното земјиште на подрачјето на локалната самоуправа, за спортот, за информатичката технологија, како и активностите во областа на детската, социјалната и здравствената заштита. Општина Карпош ќе ги награди првенците на генерација, основците од најуспешните спортски екипи во фудбал, кошарка и одбојка за девојчиња, како и индивидуално прогласените ученици – спортисти, за постигнатиот успех во рамки на училишните спортски игри Карпош 2026, со меѓународна повеќедневна екскурзија во детскиот камп „Каливас“ (Грција). Локалната самоуправа ќе обезбеди бесплатен неколкудневен престој во истоимениот детски камп во Грција и за осумте ученички - одбојкарки од Карпош, кои неодамна го освоија првото место на турнирот кој го организираше Општина Кисела Вода, по повод одбележување на нивниот патронен празник Св. Ѓоргија. Советниците ја поддржаа и Одлуката за наградување на професори – тренери и индивидуално прогласените ученици – спортисти, во училишните спортски лиги Карпош 2026. Со оваа Одлука, Општината ќе додели вкупно 19 парични награди за професорите по физичко воспитание, чија екипа го освои првото, второто и третото место во фудбал, кошарка и одбојка за девојчиња. Оттука, за освоено прво место, тројца професори ќе добијат 8.000 денари, за второ 6.000, додека пак, за освоено трето место, тројца професори – тренери ќе добијат 5.000 денари. За десетте ученици кои се прогласени како најдобри индивидуални спортисти во рамки на училишните лиги, Општина Карпош ќе додели парични награди во висина од 6.000 денари. Советот даде согласност за Предлог – Одлуката, со која Македонската спортско - качувачка Федерација до крајот на оваа календарска година, ќе може бесплатно да ја користи вештачката алпинистичката карпа, која е во владение на Општина Карпош. За периодот за кој ќе ја користи, Федерацијата се обврзува дека ќе се грижи, тековно ќе ја сервисира и ќе ја одржува алпинистичката карпа, согласно намената за која е отстапен овој спортски објект. На денешната седница беше постигнат консензус околу Предлог – Решението, со кое се формира шестчлена комисија составена од претставниците на Советот на Општина Карпош. Комисијата ќе има обврска да изработи Нацрт – Одлука за изменување и дополнување на Деловникот, чија Одлука треба да ја утврди Општинскиот Совет. Потоа, Комисијата ќе треба да изработи и Предлог – Одлука за измена и дополнување на Деловникот, како и Иницијатива за изменување и дополнување на Статутот на Општина Карпош. Членовите на Советот со мнозинство гласови ја усвоија и Предлог – Одлуката за прифаќање на донација од АД ХАЛКБАНК АД Скопје, за опремување на Ресурсниот центар на Општина Карпош. Вкупната вредност на оваа донација изнесува 376.850 денари, а тоа подразбира опремување со работни столчиња, бироа, плакари, клима уреди, лаптоп компјутери и принтери, за потребите на Ресурсниот центар, кој ќе функционира во рамки на спортскиот објект „Наум Наумовски Борче – Партизан“. Советниците дадоа „зелено светло“ за две донации за основното училиште „Братство“, една донација за ООУ „Димо Хаџи Димов“, како и за донацијата во корист на градинката „Пролет 2“. Имено, основните училишта „Братство“ и „Димо Хаџи Димов“ ќе бидат корисници на донација вредна 95.000 денари од Друштвотото за трговија и услуги ЦЕНТРАЛ – Х ДООЕЛ. Станува збор за донирање на основни проекти за греење, ладење и вентилација за повеќенаменските спортски сали во основните училишта „Братство“ и „Димо Хаџи Димов“, фаза термотехника, кои ги изработи „ЕМ ГРУП Електрометал ДОО“, вклучувајќи и ревизија за истите. Прифатена беше и донацијата од Друштвото за производство, промет и услуги САНДРА ИНЖЕНЕРИНГ ДОО во висина од 708.000 денари. Се работи за донација во вид на изработка на Елаборат за отстранување на постојна градба, односно за фискултурната сала во рамки на ООУ „Братство“. Советниците дадоа согласност за прифаќање на донацијата од Друштвото за производство, трговија и услуги НЕКСОС ИНЖЕНЕРИНГ ДООЕЛ Скопје, за изработка на Елаборат за отстранување на постоечката градба во која функционира детската градинка „Пролет 2“. Вкупната вредност на оваа донација изнесува 1.354.645 денари со вклучен ДДВ. Мнозински консензус беше постигнат и околу Предлог – Одлуката според која ќе биде изработена физибилити студија за утврдување на извори на техничка вода, на подрачјето на општина Карпош. Според образложението, оваа Одлука беше прифатена од причина што локалната самоуправа во континуитет се соочува со зголемени потреби од вода за одржување на големиот број на јавните зелени површини на нејзина територија. Исто така, техничката вода би се употребувала и за чистење на улиците во летните месеци, особено кога се јавува недостаток на вода за пиење. Советот го поддржа и Предлог – Решението за изменување и дополнување на Решението, за разрешување и именување на член во Управниот одбор на детската градинка „Орце Николов“. Со истата динамика советниците ги изгласаа и двете Решенија за изменување и дополнување на Правилниците за систематизација на работните места, во детските градинки „Мајски Цвет“ и „Распеана младост“.
Go to News Site